Фармерите бараат сериозна истрага и санкции за скандалот со ИПАРД 3:„Земавме кредити за нова механизација и погони и сега мора да отплаќаме рати“

Националната федерација на фармери ја поздравува реакцијата на институциите за случаите на злоупотреба на ИПАРД-програмата, а истрагата треба да се спроведе до крај. Земјоделците бараат сè додека се стопирани средствата од ИПАРД, каматата за земените кредити да ја плаќа државата

Националната Федерација на фармери нема точна бројка на оние земјоделци што останаа „ни ваму ни таму“ со истрагата за случајот со злоупотребите на ИПАРД-програмата, но инсистира таа побрзо да заврши за да земјоделците да продолжат со користење на средствата. Од НФФ за „Слободен печат“ откриваат дека најзасегнати се преработувачите, но не и малите земјоделци, а неофицијално се дознава дека истрагата може да се прошири, што, пак, ќе предизвика дополнителни трошоци кај оние што зеле банкарски кредити за механизација, објекти, преработувачки капацитети и сега мора да отплаќаат рати за нив.

Скандалот со застојот во исплатата на средствата од ИПАРД-програмата, подолг период ја бранува јавноста, бидејќи постојат стравувања дека тој ќе предизвика одложување или нереализирање на планираните инвестиции. Ова ќе има сериозни последици не само врз примарното земјоделско производство каде што договорите за користење на овие средства се веќе потпишани, а средствата не се исплатени, туку и врз преработувачите што нема да можат да го реализираат планираното производство и извоз. Земјоделците бараат сè додека се стопирани средствата од ИПАРД, каматата за земените кредити да ја плаќа државата. Тие инсистираат дека мора да се реши прашањето кој ќе ја плаќа каматата на земените кредити сè додека не почне исплатата на средствата од ИПАРД, бидејќи земјоделците вложиле средства во висина од 100 проценти, а враќањето на 50 проценти од инвестицијата сега станува неизвесно, велат фармерите.

– Ја поздравуваме реакцијата на институциите за случаите на злоупотреба на ИПАРД-програмата. Сметаме дека истрагата треба да се спроведе до крај и да се изречат соодветни санкции. Тоа е во интерес на сите – и на земјоделците и на земјоделските компании, кои се најголеми корисници на ИПАРД. Овие средства се наменети за развој и модернизација на земјоделството и руралните средини, а не за злоупотреба – дециден е Стевче Јордановски, претседател на НФФ.

Во периодот на ИПАРД 2 (2017–2024), Македонија реализираше рекордни 2.400 договори, повеќе од Србија, Црна Гора и Албанија заедно. Поради корупцискиот скандал, земјата ризикува да ги изгуби средствата и да го загрози целиот земјоделски сектор, оценија и од опозициската СДСМ. ИПАРД 2 програмата беше успешно реализирана со целосна искористеност на средствата, што ја направи земјава лидер во регионот.

– Ова е штета од речиси 130 милиони евра. Досега се склучени 453 договори во вредност од 35 милиони евра, од кои се исплатени само 10 милиони. Во моментот повеќе од 180 инвестиции вредни над 25 милиони евра се директно погодени, уште 30 милиони евра во нови проекти се стопирани – посочи неодамна Венко Филипче, лидер на СДСМ.

Како што објави албанскиот „Лајма лаворе“ пред некој ден, ЕУ официјално побарала од Албанија да врати 33,5 милиони евра од програмата ИПАРД 2, по утврдените нерегуларности во користењето на средствата во периодот 2020–2022 година. Одлуката доаѓа по деталната истрага на Европската канцеларија за борба против измами (OЛАФ), која идентификувала 52 случаи на злоупотреба на фондови наменети за албанските земјоделци и агро-прехранбениот сектор. Во изјава за А2 Си-ен-ен, Европската комисија била јасна: секој евроцент што бил искористен нерегуларно, мора да биде вратен, нагласувајќи дека Тирана мора со „најголема сериозност“ да пристапи кон проблемот.

Локалните медиуми предупредуваат дека Албанија е најлошо рангирана во регионот по злоупотребени средства, дури полошо и од Турција. Дополнителен удар е суспензијата на финансирањето од ИПАРД 3 – вкупно 146 милиони евра, од кои 112 милиони се средства од Европската Унија. Доколку владата не спроведе корективни мерки, ризикува целосно губење на средствата до 2027 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот