Интервју со Лепосава Тупеска Анѓеловски, магистер по фармација: Кремата со заштитен фактор е задолжителна дури и во зимскиот период
Есента и зимата секогаш се предизвик за кожата – студот, сувиот воздух и ветерот ја нарушуваат хидро-липидната бариера, па се појавуваат сушење, црвенило и иритации дури и кај кожата која вообичаено е стабилна.
Препорачано
На оваа тема поразговараме со Лепосава Тупеска Анѓеловски, магистер по фармација и специјалист по козметологија и естетика, која за читателите на „Слободен печат“ даде јасни, практични насоки за хидратација, избор на зимска рутина и заштита на најчувствителните делови.
Што точно се случува со хидро-липидната бариера на кожата во зима? Зошто студениот и сув воздух толку драстично водат до сушење, црвенило и иритации?
– Во зима кожата е под постојан напад. Студениот воздух е сиромашен со влажност и веднаш ја „влече“ водата од површината на кожата, што го зголемува трансепидермалното губење на вода. Истовремено, ветерот и сувиот воздух од греењето ја оштетуваат липидната бариера – таа станува тенка, некомплетна и не може да ја задржи влагата. Затоа во овој период забележуваме сушење, црвенило, затегнатост и иритации дури и кај кожа која вообичаено е нормална или комбинирана.
Како правилно да ја надоместиме изгубената влажност? Кои состојки се „златен стандард“ во зимската хидратација и на што да внимаваме при избор на крема?
– На кожата ѝ се потребни и хумектанти и липиди. Во зима најдобро функционира комбинацијата од хијалуронска киселина, глицерин и уреа како хумектанти, а церамиди, холестерол и масни киселини како липидни градбени блокови. Јас секогаш препорачувам да се избере крема која има и хидратантен и ресторативен профил, со богата но стабилна текстура. Важно е и да се избегнуваат формули со многу парфем, алкохол или агресивни киселини, бидејќи дополнително ја дехидрираат бариерата.

Многу хронични состојби, како атописки дерматит, розацеа, себореја, па дури и акни, се влошуваат во студениот период. Што е најважно во негата на чувствителна или реактивна кожа во зима?
– Атопичен дерматит, розацеа, себореја и акни се екстремно чувствителни на нагли температурни промени и сув воздух. Бариерата е веќе нарушена, а зимата ја прави уште понестабилна. Најважно е да се користат смирувачки и бариерно-обновувачки формули – пантенол, ниацинамид во ниски концентрации, центела, бета-глукан. Исто така, миењето треба да биде минимално агресивно, со млака вода и нежни гелови без сулфати. Целта е кожата да се стабилизира, а не да се преоптовари со активни компоненти во период кога е веќе чувствителна.
Дали зимата бара промена на рутината? Кои чекори се задолжителни (млако миење, побогата крема, помалку агресивни пилинзи), а кои навики најчесто прават проблем?
– Да, апсолутно. Во зима преминуваме на побогати текстури, намалуваме фреквенција на пилинзи и го поедноставуваме режимот. Нежно миење, хидратантен серум и крем со церамиди се задолжителни чекори. Честата грешка е претерано користење на АХА/БХА или ретиноиди без паралелна поддршка на бариерата, што доведува до зголемување на чувствителноста на кожата. Зимата е период на нега и смирување, а не на агресивни третмани.

Колку е важна фотозаштитата во овој период? Дали заштитниот фактор 30 треба да остане дел од рутина и во зима, особено кога има снег или сме изложени на рефлексија на УВ-зраци?
– Фотозаштитата останува задолжителна. Иако сонцето е послабо, СБА зраците – кои се одговорни за стареење и пигментации, се присутни цела година со ист интензитет. Доколку има снег, рефлексијата дополнително го засилува УВ индексот. заштитниот фактор 30 е сосема доволен, но мора да се нанесува секое утро, особено ако се движиме на отворено, возиме или сме покрај прозорец со дневна светлина.
Рацете и усните најбрзо страдаат од студот. Каква заштита препорачувате за овие чувствителни делови и кои состојки најдобро ја обновуваат нивната бариера?
– Рацете и усните практично немаат себумски жлезди, затоа губат влага многу побрзо. За раце препорачувам креми со уреа, глицерин и шеа путер, а за усни балзами со ланолин, сквалан и пак, церамиди. Многу важно е заштитата да се нанесува превентивно – не само кога веќе ќе дојде до пукање и болка.
Колку често е препорачливо да се прави пилинг во зима и кои ексфолијанти се најбезбедни? Дали постојат ситуации кога пилингот треба целосно да се избегнува?
– Во зима пилингот треба да биде умерен. 1–2 пати неделно е сосема доволно, и тоа со нежни формули – РХА, ензими, или многу низок процент на АХА/БХА. Ако кожата е веќе иритирана, дехидрирана, атопична или со розацеа, пилингот треба целосно да се паузира додека бариерата не се стабилизира. Во зима, приоритет е обновување, не ексфолијација.


