Интервју Петар Богатиновски: Важно е да напредувам, посветен и со квалитетни тренинзи до победа!

Во автомобилизмот во принцип многу е важен ритамот во трката и да нема осцилации во секој круг – вели нашиот млад картинг возач.

Големите соништа се остваруваат со напорна работа, тренинзи и учење од самиот почеток. Картинг шампионот до 10 години, Игор Богатиновски (11) има желба еден ден да настапува и во светскиот шампионат, а воедно сон на секој картинг возач е да се биде дел од Формула 1.

Пет трофеи, три во српскиот и два во македонскиот шампионат, а исто така дојде и до вицешампионската титула во Централно Европската зона во 2018 година.

Секако на патот до успехот се потребни и средства за квалитетни тренинзи и што е многу важно да се напредува во кариерата. Овој месец во Белград (Србија) настапи во класата 2 Ротакс Мини Макс за натпреварувачи од 10-12 години, трка како дел од ЦЕЗ освојувајќи го третото место.

Од каде дојде љубовта кон трките?

– Љубовта кон трките се роди уште кога бев многу мал. Заспивав и се будев со филмот „Cars“. Буквално сè ми беше во знакот на Lighting McQween и бројот 95, постелнината, пижамите, несесерот, собата. Оттука е и големата желба за трки.

Кога ги имаше првите настапи и која е твојата најголема поддршка?

– Првиот настап го имав на точно седум години, на патеката Ада Хуја во Белград. Најголемата поддршка ми е моето семејство, посебно мојот татко (Игор Богатиновски), бидејќи тој е повеќекратен шампион во Автомобилизам и има познавање од овој спорт.

Овој месец исто така учествуваше на патеката „Ада Хуја“ во Белград, што се бодува за Централно Европската зона и го освои третото место. Колку си задоволен од настапот и колку беше силна конкуренцијата?

– Од настапот на Ада Хуја кој се бодуваше за ЦЕЗ не сум задоволен. Не поради фактот дека завршив на третата позиција, туку поради околностите. Моите конкуренти имаа континуирани тренинзи и трки, а јас бев само со два дена тренинг и тоа се одрази на оваа трка.

Кои се твоите најголеми досегашни успеси?

– Вкупно пет титули е мојот врв на успехот до сега. Три од нив се во српскиот шампионат, а две во македонскиот. Она што највеќе ме прави среќен е вицешампионската титула во Централно Европска Зона (ЦЕЗ).

Како изгледа еден твој обичен ден, дали сакаш и други спортови како рекреација, некое хоби..?

– Постојано тренинзи, подготовки, кошарка, фитнес, дружба со другарите, но тоа беше пред да се случи пандемијата. Сега е поразлично, сега наместо на патека, возам во симулатор, играм „Fortnite” со другарите on-line, читам книги, попладне возам велосипед како рекреација и нормално мала дружба во маало на дистанца.

Кои се твоите следни активности, настапи оваа година?

– Поради ситуацијата (со Ковид-19), годинава ништо не е 100% сигурно. Но, искрено се надевам дека ќе се појавам на трката во Jessolo во Италија која е во календарот на ЦЕЗ и е закажана за 11 октомври. А понатаму, ќе видиме..

Која е твојата најголема желба која што сакаш да ја оствариш во иднина на натпреварувањата?

– Најголема желба ми е да настапувам во светскиот шампионат, да имаме доволно средства како останатите картинг возачи со цел да ми биде обезбеден квалитетен тренинг. Сето ова е важно за да може полесно да се дојде до победа, а со тоа и да напредувам во кариерата. Нормално, сон на секој картинг возач е да биде дел од Формула 1.

Што според тебе треба да го краси еден картинг возач, што е потребно за да дојдеш до едно од најдобрите места на подиумот?

– Како и во секој спорт најважно е да бидеш посветен, да имаш дисциплина. Во автомобилизмот во принцип многу е важен ритамот во трката и да нема осцилации во секој круг, а за тоа се потребни тренинзи и посветеност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот