Интервју Бобан Данов: Тимски до врвен резултат, да го подигнеме нивото на самбото во Македонија!

Без финансиска помош од Агенцијата за млади и спорт, Олимписки комитет и државата, не може да сметаме на некои позначајни и во континуитет резултати – вели Данов.

Многу помалку се објавуваат новости од боречките спортови, а уште помалку се слуша за самбото, со термин кое можеби преку ова интервју некој и првпат ќе се запознае, а секако има луѓе кои многу добро го познаваат овој спорт.

Бобан Данов кој доаѓа од борењето, во кое е над 15 години и досега пет во македонското самбо за кое се надева дека со помош на институциите може уште повеќе да се афирмира во блиска иднина, а истовремено се поттикнат и младите да спортуваат, што е и главна цел на крајот на краиштата.

Македонија овој месец учествуваше во Светското првенство за јуниори и сениори во Нови Сад, за тоа што претставува овој спорт, што е потребно за обезбедување на самите потребни услови на натпреварувачите, за најголемите достигнувања, очекувањата, прочитајте повеќе во продолжение во интервјуто со Бобан Данов (освојувач на првиот историски бронзен медал на Европско првенство за сениори), ексклузивно за веб изданието на Слободен печат.

Колку е популарен овој спорт во нашата земја, можете ли да ни објасните во што се разликува од другите боречки спортови?

– Во врска со самбото, малку е познат кај нас во Македонија, да не кажам дека не ни знаат нашите граѓани што е тоа самбо. Самбото полека, но сигурно добива на публицитет во повеќе европски и светски земји. Најмногу е распространет во Русија, некаде е и прв спорт во државите. Разликата меѓу самбото и другите боречки спортови е тоа што во самбото се склопени во едно сите боречки спортови: џудо, борење, џиу џицу, и се разликува во неговата униформа.

Македонија учествуваше на Светското првенство во самбо за јуниори и сениори, кажете ни нешто повеќе околу настанот и самата конкуренција во Нови Сад?

– Да, Македонија зема учество на Светското првенство кое се одржа во Нови Сад (Србија). Конкуренција секако имаше, немаше некои држави, но клучните кои секогаш се во Топ 3 беа присутни со цел состав. Поради ковид-19 имаше засилени мерки за натпреварувачите, немаше движења по метрополите и каде и да одевме, бевме обезбедувани од полиција. А најчеста дестинација беше хотел – сала.

Кои се најголемите досегашните резултати, достигнувања на македонското самбо на меѓународната сцена?

– Најголемо достигнување е третото место кое го освоив на Европското првенство кое се одржа во Хихон (Шпанија). Потоа, седмо место на Светското во Сочи и петто во Нови Сад. И за ветерани Ердан Факиќ го освои третото место во Атина, Грција. Тие се најголеми резултати до сега од формирањето на самбото во Македонија.

Нашата земја ќе биде домаќин на Светско првенство 2022 година за кадети и Европско првенство 2023 година за јуниори, како гледате на оваа шанса за уште подобра промоција?

– Со оглед дека сега сме 2020, а ги земавме Европското и Светското во 2022 и 2023 година, ни дава до знаење дека треба да поработиме макотрпно во подигање на некое завидно ниво на самбото во Македонија. А со помош на вас новинарите и ТВ куќите тоа би го оствариле. Како и државата која би застанала во целиот овој проект наречен самбо. Без финансиска помош од Агенцијата за млади и спорт, Олимписки комитет и државата, не може да сметаме на некои позначајни и во континуитет резултати.

Какви се очекувањата за наредната година, со оглед на ситуацијата со ковид-19 и запазувањето на мерките дали очекувате нови учества, настапи на турнирите?

– Наредната година сѐ зависи од ковид ситуацијата како ќе се одвива. Оваа година ја поминавме со солидни резултати на Светското и сега Европското, се затворија многу држави, одложени беа Олимписките игри во Токио. Така што нема многу можности, а би се залагале сѐ повеќе да го афирмираме самбото, да вклучиме школски натпреварувања каде младите ќе ги поттикнеме на спорт.

Што според вас треба да го краси еден спортист, борец, за да верува во успех и стигне до еден од медалите?

– Бидејќи доаѓам од борењето, се занимавам преку 15 години со борење, во самбото сум околу пет години, за еден спортист за да постигне врвни резултати му е потребен цел тим. Како на пример, спаринг партнери, добро затоплена сала, витаминизација, добра исхрана, спортско медицинско лице кое ќе го прати на секој тренинг и неговата подготвеност. И некоја минимална плата за да може да се посвети само на спорт, без овие неколку наброени не би имало врвни резултати. И секако базички подготовки и што повеќе спаринзи и меѓународни турнири каде ќе се види спремноста на спортистите и така ќе се одреди и бројот на учесници на Европско или Светско првенство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот