Илон Маск Фото: EPA-EFE/FRANCIS CHUNG / POOL

Илон Маск не се појави пред парискиот суд – истрагата за Икс продолжува

Американскиот милијардер Илон Маск, не се појави во понеделник на повикот за сослушување во францускиот суд, во процесот кој се води против неговата платформа „Икс“ и неговиот чет-бот со вештачка интелигенција, Грок, поради наводна злоупотреба на алгоритми и лажно извлекување податоци, соопшти канцеларијата на парискиот обвинител, пренесува „Ројтерс“.

„Канцеларијата на обвинителот констатираше отсуство на повиканиот да се појави пред судот“, наведено е во соопштението во кое не е споменато името на Илон Маск.

Во соопштението, меѓутоа, се додава дека присуството или отсуството на повиканиот не претставува пречка за продолжување на истрагата.

Канцеларијата на париското обвинителство го повикала Маск пред два дена да се појави доброволно на 20 април пред францускиот суд во рамки на истрагата што се води во таа земја за неговата социјална мрежа „Икс“. На почетокот на февруари, истражителите извршиле претрес во просториите на компанијата „Икс“ и го повикале Маск да дојде и да ги објасни своите постапки, во рамки на истрагата за наводни злоупотреби на неговата социјална мрежа.

Илон Маск и поранешната извршна директорка на компанијата „Икс“, Линда Јакарино, се дел од истрагата затоа што биле де факто и де јуре менаџери на платформата во периодот на истражуваните настани, навела париската обвинителка Лор Беко. Како што се наведува, истрагата особено се фокусира на сомнежи за соучесништво во „поседување слики со порнографска природа“ или „негирање на злосторства против човештвото“.

Компанијата „Икс“ во соопштение ги осудила „злоупотребите на правните постапки“ засновани на „политички мотиви“ и негирала какво било незаконско постапување.

Од компанијата исто така било соопштено дека „париското обвинителство очигледно се обидува да изврши притисок врз американското раководство на компанијата таргетирајќи ја нејзината француска подружница“. Компанијата „Икс“ е предмет на прелиминарна истрага која започнала во 2025 година по наводи за пристрасност во нејзините алгоритми, а истрагата подоцна била проширена по дополнителни извештаи, особено во врска со работата на Грок, алатка за вештачка интелигенција интегрирана во социјалната мрежа, што довело до ширење содржини за негирање на Холокаустот и „дипфејкови“, односно хиперреалистични, сексуално експлицитни слики.

Како што наведува париската обвинителка, доброволните разговори со раководителите на компанијата треба да им овозможат да го објаснат својот став за фактите. Истрагата во оваа фаза се спроведува на конструктивен начин, изјавил францускиот судија, додавајќи дека крајната цел е да се обезбеди платформата Икс да го почитува францускиот закон. Шефот на француската подружница на компанијата Икс, Лоран Буанек, минатата година дал уверувања дека компанијата има строги, јасни и јавни правила насочени кон заштита на платформата од говор на омраза и дека нејзиниот алгоритам е направен на таков начин што се избегнува понудување содржини со омраза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот