Хачапури / Фото: Profimedia

Идеја за вкусен ручек — рецепт за хачапури, познат и како „грузиска пица“

Хачапури е едно од најпознатите јадења од грузиската кујна – топло и меко тесто полнето со сирење, кое освојува уште на првиот залак, пишува „Пун кофер“.

Постојат повеќе варијанти, а оваа верзија на аџарски хачапури е меѓу најпопуларните, препознатлива по формата на бродче и јајцето на врвот.

Доколку не можете да најдете сулугуни сирење, одлична замена е комбинацијата од моцарела и фета-сирење.

Рецептот е едноставен и приспособен за домашна подготовка, па лесно ќе успее и на почетници.

Највкусен е кога се сервира топол, а пред јадење се препорачува со вилушка да се измешаат сирењето, јајцето и путерот, за да се добие кремаста и богата текстура.

Потребни состојки

За тестото:

  • 300 г меко брашно
  • 180 мл млако млеко
  • 5 г сув квасец (или 15 г свеж)
  • 1 лажичка шеќер
  • 1/2 лажичка сол
  • 1 лажица масло

За филот:

  • 300 г сирење (сулугуни или мешавина од моцарела и фета)
  • 50 мл млеко
  • 3 јајца (едно за филот и по едно за секој хачапури)
  • 20 г путер

Подготовка

Во млакото млеко измешајте ги квасецот, шеќерот и една лажица брашно. Оставете десетина минути за да се активира квасецот.

Во поголем сад измешајте ги брашното и солта, па додајте го активираниот квасец и маслото. Замесете меко и мазно тесто кое не треба да биде лепливо. Ако е потребно, додајте уште малку брашно. Покријте го тестото со крпа и оставете го на топло место околу еден час, додека не го удвои волуменот.

Сирењето изрендајте го или изгмечете го со вилушка. Додајте млеко и едно јајце, па мешајте додека не добиете кремаста смеса.

Тестото поделете го на два дела и секој развлечете го во овална форма.

Рабовите завиткајте ги навнатре од двете страни за да добиете форма на бродче, а краевите добро притиснете ги.

Во средината ставете го филот од сирење.

Печете во загреана рерна на 220 степени околу 12 до 15 минути, додека тестото не добие златна боја.

Потоа извадете ги хачапурите, внимателно скршете по едно јајце во средината и вратете ги уште две до три минути во рерна, така што белката лесно да се стегне, а жолчката да остане течна.

На крај, врз жешкиот хачапури ставете парче путер и пред сервирање измешајте ги сирењето, јајцето и путерот со вилушка.

На здравје!

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Пастрмајлии – Хачапури микс, спој на две традиции во едно вкусно јадење

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот