Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Пастрмајлии – Хачапури микс, спој на две традиции во едно вкусно јадење

Фото: Приватна архива

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински македонски деликатес – пастрмајлии/хачапури.

Фото: Приватна архива

– Ако сакате да го изненадите вашето семејство или пријатели со нешто ново, но со познати и омилени состојки, овој рецепт е идеален избор. Денеска направив варијанта од микс на македонска и грузиска кујна. Од македонската пастрмајлија го земав тестото и месото, а формата и витките ги полнев со кашкавал како грузиски хачапури. Јас ги правев со свинско месо, но може да се подготват и со месо по желба – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

За тестото за четири пастрмајлии/хачапури потребни се следниве состојки:

– 600 грама брашно
– 250 мл вода млака
– 1 мала лажица шеќер
– 2 големи лажици маслиново масло
– 2 мали лажички сол
– половина пакување квасец

Други состојки:

– 600 грама месо сечкано на коцки (претходно маринирано со сол, црвен пипер и масло)
– 400 грама рендан ајдамер
– 4 јајца

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Се мешаат квасецот, 50 мл млака вода, лажица брашно и шеќерот, се оставаат квасецот да се активира. Потоа во брашно се додава квасецот, маслиново масло, сол и водата, па се замесува меко тесто. Кога тестото убаво ќе се измеси, се покрива со крпа и се остава 15 минути да стаса. Тестото се дели на четири еднакви дела, за од нив да се направат топчиња што се оставаат еден час, покриени со растеглива фолија, за да стасаат и да се зголемат. На набрашнета површина се става едно топче тесто, без да се премесува. Со сукало се развива кора во правоаголна форма. Потоа на двата краја се става четвртина рендан ајдамер, се затвораат краевите, за ајдамерот да остане внатре во витката, на крајот се спојуваат двете витки и се вртат меѓу себе да се заврши, па се формираат хачапурите, се ставаат во тава на хартија за печење. Во средината на секоја се става четвртина од месото и се ставаат да се печат на хартија во загреана рерна на 250 степени. Откако ќе зарумени месото, по 10-15 минути се додаваат изматени јајца на секоја пастрмајлија, по едно јајце, и се враќаат уште 5 минути да се допечат, убаво да зарумени тестото и јајцето да се запече. Се служат топли.

На здравје!

Фото: Приватна архива

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот