И покрај лошите критики, филмот „Меланија“ оствари подобра заработка од очекуваното во првиот викенд од прикажувањето
Документарниот филм „Меланија“, кој Доналд Трамп го опиша како филм што „мора задолжително да се погледне“, го започна своето прикажување со подобра заработка од предвидената, инкасирајќи седум милиони долари на билетарниците, покажуваат студиските проценки објавени во неделата, пренесува „Њујорк тајмс“.
Препорачано
Појавувањето на „Меланија“ во кината беше несекојдневно и без преседан. Студиото „Амазон МГМ“ плати 40 милиони долари за правата на филмот, со дополнителни 35 милиони за промоција, со што ова остварување стана најскапиот документарен филм досега.
Режисер е Брет Ратнер, кој од 2017 година беше практично исклучен од холивудската индустрија, а филмот за првата дама беше прикажан во 1.778 кина, во време на турбулентниот втор претседателски мандат на Трамп.
Иако за повеќето филмови со вакви трошоци ваквиот резултат би се сметал за неуспех, според документарните мерила „Меланија“ е успех. Станува збор за најдобро отворање на еден документарец во последните 14 години, ако се исклучат концертните филмови. Пред почетокот на викендот, проценките се движеа меѓу три и пет милиони долари.
Дополнително, немаше многу слични примери со кои филмот можеше да се спореди, бидејќи претседателските семејства обично избегнуваат мемоари или документарни филмови за време на мандатот, за да не се создаде впечаток дека профитираат од Белата куќа. Филмот ја следи Меланија Трамп во период од 20 дена во јануари минатата година, непосредно пред втората инаугурација на Трамп.
Во четвртокот, Трамп организираше премиера во центарот Кенеди, на која присуствуваа членови на владата и конгресмени. Таму, Ратнер ги намали очекувањата за заработката, изјавувајќи:
„Не може да се очекува документарен филм да доминира во кината“.
Филм со најголема заработка за време на викендот сепак беше „Испратете помош“ (Send Help) на Сем Рејми, пофален трилер за преживување со Рејчел Мекадамс и Дилан О’Брајан во главните улоги. Остварувањето на компанијата „Волт Дизни“ заработи 20 милиони долари во првиот викенд.
Акциониот трилер со Џејсон Стетам, „Засолниште“ (Shelter), започна со заработка од 5,5 милиони долари. Сепак, најголемото внимание беше насочено кон тоа како ќе помине „Меланија“.
Една недела претходно, Белата куќа беше домаќин на свечена претпремиера, на која присуствуваа извршниот директор на „Амазон“, Енди Џаси, директорот на „Епл“, Тим Кук, како и поранешниот боксер Мајк Тајсон.
Филмот пристигна во недела обележана со интензивно медиумско известување за федералните имиграциски акции во Минесота, откако агент на американската гранична служба усмрти 37-годишен маж, Алекс Прети, во Минеаполис.
„Меланија“ не им беше прикажан однапред на филмските критичари, а оценките што почнаа да се појавуваат во петокот, откако филмот веќе беше во кината, главно беа негативни. Ксан Брукс од „Гардијан“ го спореди филмот со „средновековна почест за смирување на алчен крал“. Овен Глајберман од „Варајети“ го нарече „евтин промотивен филм со запрепастувачка статичност“. Френк Шек од „Холивуд рипортер“ напиша: „Да се каже дека ‘Меланија’ е хагиографија би било навреда за хагиографиите“.
Сепак, публиката што купи билети за време на викендот реагираше значително поволно. Филмот доби оценка „А“ според анкетите на „СинемаСкор“. Како што и се очекуваше, најдобро помина во јужните сојузни држави, пред сè во Флорида и Тексас.
Дејвид А. Грос, кој раководи со консултантска компанија за филмската индустрија, оцени дека станува збор за „одлично отворање за политички документарец“.
„За кој било друг филм, со трошоци од 75 милиони долари и ограничен интерес надвор од САД, ова ќе беше сериозен проблем. Но, ова е политичка инвестиција, а не класичен комерцијален проект. Доколку на ‘Амазон’ му помогне во врска со регулаторни, даночни, царински или други државни прашања, тогаш вложувањето ќе се исплати. За ‘Амазон’, 75 милиони долари се занемарлива сума“, изјави Грос.
По кино-прикажувањето, „Меланија“ ќе биде достапен и на платформата Прајм. Непосредно пред премиерата, јужноафриканскиот дистрибутер „Филмфинити“ соопшти дека се откажува од прикажување на филмот, наведувајќи дека ја променил одлуката „врз основа на поновите случувања“.


