ВИДЕО | Меланија Трамп имала гламурозна премиера на автобиографскиот филм „Меланија“ во Белата куќа, меѓу гостите биле Џеф Безос и Георгина Родригез
Во Белата куќа се одржа ексклузивна проекција на филмот „Меланија“, посветен на животот на првата дама Меланија Трамп, непосредно пред неговата светска кинопремиера. Настанот во саботата, на 24 јануари, го организираше самата прва дама, собирајќи гости кои на различни начини се поврзани со филмот, но и со нејзината професионална и јавна дејност, пишува „Фокс њуз“.
Препорачано
MELANIA, the film
A Historic MomentI am deeply humbled to have been surrounded by an inspiring room of friends, family, and cultural iconoclasts at the White House last night. Each of these individuals each brought their unique vision to the world, making a lasting… pic.twitter.com/NmAUuEQp2L
— MELANIA TRUMP (@MELANIATRUMP) January 25, 2026
По настанот, Меланија се огласи на социјалната мрежа Икс, каде објави фотографија од Источната сала на Белата куќа и напиша дека била „длабоко трогната што била опкружена со инспиративни пријатели, семејството и културни неконформисти“. Таа ја нагласи и важноста на личните приказни кои, според неа, „го надминуваат времето и нè потсетуваат на нашата заедничка одговорност“.
Филмот „Меланија“ се фокусира на, како што таа истакнува, „20 дена интензивна транзиција и планирање“ пред претседателската инаугурација. Станува збор за период што го опишува како историски значаен, но досега нераскажана приказна од нејзина перспектива.
„За првпат светската публика добива приватен, нефилтриран увид во тоа како ги усогласувам семејството, работата и филантропијата на мојот пат до улогата прва дама на Соединетите Американски Држави“, изјави Меланија Трамп, додавајќи дека инсистирала на врвно продукциско ниво и кинодистрибуција низ целиот свет.
Филмот трае 104 минути и нуди поглед зад кулисите на животот на првата дама во периодот пред инаугурацијата на Доналд Трамп како 47. претседател на Соединетите Американски Држави. Прикажан е нејзиниот живот помеѓу Њујорк, каде престојувала во Трамп кулата, и резиденцијата Мар-а-Лаго на Флорида, како и интимни моменти од Белата куќа.


Според продуцентот Марк Бекман, кој воедно е висок советник и агент на Меланија Трамп, меѓу гостите имало претставници од сите сфери на животот — од дизајн и спорт до финансии и технологија. Бекман, кој во име на првата дама ја договорил соработката со студиото Амазон МГМ, ги опиша гостите како разновидно и влијателно друштво.
„Имавме припадници на кралски семејства, директори на големи технолошки компании, луѓе од деловниот свет, но и од креативните индустрии. Тоа беше навистина интересна група, која во многу нешта ја отсликува личноста и брендот на Меланија Трамп“, изјави Бекман.
Тој додаде дека различни делови од филмот различно одекнале кај публиката. Гледачите од креативните индустрии најмногу се поврзале со модните сегменти, додека оние со поконзервативни ставови ги издвоиле сцените во кои претседателот е прикажан зад кулисите.
„Одлучивме филмот да се прикажува во кината за да ѝ овозможиме на публиката богато стилизирано филмско доживување, со исклучително силна звучна компонента. Во тој контекст, станува збор за навистина уникатен проект“, истакна Бекман.
Фотографиите од настанот откриваат детали од вечерта — од бели кутии за пуканки со натпис „МЕЛАНИЈА“ до брендирани колачи, додека гостите како подарок добиле и примероци од мемоарите на првата дама. Меѓу познатите имиња кои, присуствувале на проекцијата, според извори се Георгина Родригез, Џеф Безос, Тим Кук, Мајк Тајсон, Тони Робинс, дизајнерот Питер Арнел, како и членови на саудиското кралско семејство.
Продуцентот Бекман смета дека филмот особено ќе ги инспирира помладите жени, особено студентките, бидејќи покажува дека е можно истовремено да се гради семеен живот и професионална кариера. Покрај филмскиот проект, тој потсети и на другите деловни потфати на првата дама — од книги и модни проекти до дизајн на накит и дигитални производи.


