Хуман гест: Лејди Гага донираше 200.000 долари за поддршка на менталното здравје на младите
Американската музичка и филмска ѕвезда Лејди Гага донираше вкупно 200.000 долари за поддршка на менталното здравје на деца и млади, преку својата фондација „Born This Way“. Средствата биле распределени на две невладини организации од Варшава, „GrowSPACE“ и „Warsaw House“, кои добиле по 100.000 долари за реализација на програми насочени кон заштита и унапредување на психолошката благосостојба на младите.
Препорачано
Донациите се дел од иницијативата „Фонд за љубезност во заедницата“, преку која се издвоени вкупно пет милиони долари за поддршка на организации што им помагаат на млади луѓе ширум светот. Во рамки на програмата, финансиска поддршка добиле 55 организации од 11 земји, пренесува полската новинска агенција ПАП.
Фондацијата „GrowSPACE“, основана во 2020 година, е фокусирана на заштита на децата и младите, особено припадниците на ЛГБТК+ заедницата, од дискриминација и насилство, како и на унапредување на нивното ментално здравје.
„Ова за нас претставува огромно признание и конкретен одговор на сè поголемите потреби на младите луѓе. Сакаме да испратиме јасна порака дека барањето психолошка помош не е причина за срам“, изјави Доминик Куц, член на управниот одбор на фондацијата.
Тој додаде дека грантот носи и голема одговорност, бидејќи номинациите за програмата пристигнале директно од корисниците на помошта, меѓу кои и средношколци од цела Полска.
Од друга страна, фондацијата „Warsaw House“ работи на превенција од бездомништво кај младите, нудејќи им економска, психолошка и социјална поддршка.
Фондацијата „Born This Way“ Лејди Гага ја основа во 2012 година заедно со својата мајка, Синтија Џерманота, со цел промоција на менталното здравје кај младите, борба против социјалната исклученост и поттикнување прифаќање на различностите.
Лејди Гага и самата јавно има говорено за своите лични борби со менталното здравје, вклучувајќи депресија, анксиозност и посттрауматско стресно нарушување, истакнувајќи дека отворено зборува за овие искуства со цел да ги охрабри и другите кои се соочуваат со слични предизвици.
„Пред пет години доживеав психоза“: Лејди Гага проговори за борбата со менталното здравје


