Хичкок немал намера да стане режисер на почетокот: „Бев сосема задоволен пишувајќи сценарија и дизајнирајќи“
На денешен ден пред 46 години почина една од најголемите и највлијателните личности во историјата на филмот, режисерот Алфред Хичкок. Во кариера која траеше повеќе од шест децении, мајсторот на неизвесноста режираше над 50 играни филмови како „Психо“ (Psycho), „Вртоглавица“ (Vertigo), „Птици“ (The Birds), „Заден прозорец“ (Rear Window) и други кои сè уште се широко гледани и проучувани до ден-денес.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Меѓу многуте признанија, неговите филмови имаат вкупно 46 номинации за Оскари, вклучувајќи и шест победи, иако тој никогаш не ја освои наградата за најдобар режисер, и покрај петте номинации.
Но, Хичкок на почетокот немал никаква намера да стане режисер. Понекогаш, не сфаќаме што сакаме сè додека не ни „падне во раце“, токму како што му се случило на Хичкок, пишува „Фараут“.
Сепак, очигледно е дека ова е она за што тој бил роден. Се заљубил во киното уште од млада возраст, медиум кој сè уште бил на самите почетоци во тој момент, но никогаш не би можел да предвиди како ќе се развие.
Почнал да работи во „Хенли телеграф енд кејбл компани“ во Лондон како технички службеник по смртта на неговиот татко, и за неколку години се вклучил во уредувањето за „Хенли телеграф“. Наскоро, сепак, дознал за отворањето на филмско студио во близина, и пред да се свести, се префрлил на дизајнирање картички со наслови за студијата „Ислингтон“.
Хичкок се „фрлил“ во својата работа, пробувајќи низа работни места зад сцената кои му овозможиле да се доближи до режијата. Но, тоа не било нешто што воопшто го размислувал како можност на почетокот.
– Немав намера да станам филмски режисер. Тоа беше големо изненадување за мене. Сер Мајкл Балкон е навистина човекот одговорен за Хичкок. Во тоа време бев сценарист, а кога ќе ја завршив таа работа бев уметнички директор или продукциски дизајнер. И го правев тоа за неколку филмови, сè додека еден ден Балкон ми рече дека режисерот (работев со истиот режисер цело време) повеќе не ме сака. И тогаш Балкон праша: „Би сакал ли ти да станеш режисер?“ – открил Хичкок во едно интервју.
Иако Хичкок бил прилично задоволен од она што веќе го правел, тој морал да ја зграпчи оваа прилика.
– Во тоа време бев сосема задоволен, пишувајќи сценарија и дизајнирајќи. Многу ми се допадна – додал тој.
Така, Хичкок започнал да работи на својот прв филм како режисер, „Број 13“ (Number 13), во 1922 година, но за жал, кратко откако започнале со снимањето на филмот, продукцијата била прекината поради недостаток на средства, па филмот никогаш не се реализирал.
Секако, не поминало долго време до првиот голем успех на Хичкок и стекнувањето на титулата Мајстор на неизвесноста. Тој го направил својот прв игран филм, „Градината на задоволствата“ (The Pleasure Garden), во 1925 година, а пред тоа и краткиот филм „Секогаш кажи ѝ на твојата сопруга“ (Always Tell Your Wife) во 1923 година. Неговиот дебитантски филм бил доста контроверзен и се сметал за сосема несоодветен за гледање, но тој морал да започне од некаде, пред да премине на своите култни трилер класици.


