Хали Бери ја потврди свршувачката со музичарот Ван Хант
Актерката Хали Бери, и покрај трите неуспешни брака зад себе, и понатаму верува во љубовта. Добитничката на Оскар во четвртокот потврди дека таа и нејзиниот партнер, музичарот и добитник на наградата „Греми“, Ван Хант, се свршиле и дека планираат венчавка. Веста ја откри за време на гостувањето во емисијата „Вечерното шоу со Џими Фалон“.
Препорачано
„Имаше некакви забуни околу тоа дали ме запроси и дали сум го одбила“, изјави 59-годишната актерка. „Не, тоа не е точно. Не реков не. Само сè уште немаме одреден датум.“
По кратка пауза, Бери јасно потврди: „Секако дека прифатив да се омажам за него. Ми стави прстен на раката.“
Станува збор за уникатно парче накит со голем централен дијамант, опкружен со геометриски дизајн, поставен на широка златна алка.
Бери за првпат го запознала Хант во април 2020 година, преку неговиот брат, во периодот кога светот беше зафатен од пандемијата на ковид-19. Првите четири месеци тие само се допишувале и разговарале по телефон, пред конечно да се сретнат лично.
„По третиот развод луѓето почнаа да зборуваат: ‘Што не е во ред со неа? Луда е. Не може да задржи маж’“, се присети актерката. „Поради тоа речиси десет години ги избегнував интервјуата, бидејќи ми беше преку глава од истата приказна. Секогаш се сведуваше на: ‘Кутрата Хали, пак нема среќа во љубовта’.“
„А јас секогаш одговарав: ‘Кој вели дека сакам да задржам маж ако тој не е вистинскиот?’ Ова е најдобрата врска што сум ја имала досега“, додаде таа.
Актерката, чиј татко бил насилен алкохоличар, објасни дека со години работела на себе.
„Сфатив дека привлекувам само свој одраз – скршени луѓе, луѓе со нерешени трауми од детството. Морав да се соочам со болката што ја носев од детството и да се ослободам од сè што криев. Морав да го извадам тоа од себе за да можам вистински да се сакам и да бидам целосно присутна за моите деца. Проплакав многу ноќи.“
Ова ќе биде четврти брак за Хали Бери. Од првиот сопруг, бејзбол-играчот Дејвид Џастис, се разведе во 1997 година по три години брак. Бракот со вториот сопруг, пејачот Ерик Бене, заврши во 2005 година, по две години, наводно поради неговото лекување од зависност од секс.
Потоа се омажи за актерот Оливие Мартинез, нејзин колега од филмот „Темна плима“, со кого беше во брак две години. Заедно го имаат 12-годишниот син Масео, за кого, според наводите, актерката плаќа месечна издршка од 8.000 долари.


