Грчкиот парламент им го одзеде имунитетот на 13 пратеници на владејачката Нова демократија
Грчкиот парламент денеска им го одзеде имунитетот на сите 13-мина пратеници од владејачката партија Нова демократија, чии имиња беа вклучени во истрагата за скандалот со државната агенција ОПЕКЕПЕ за распределба на земјоделски субвенции од ЕУ, пренесе „Еуроњуз“.
Препорачано
Европското обвинителство лани поведе постапка против десетици грчки сточари, кои се осомничени дека фалсификувале документи за сопственост на пасишта за да присвојат милиони евра, веројатно со помош на државни службеници и политичари. Скандалот веќе предизвика министерски оставки, а ЕУ наметна високи казни за Грција поради лошо управување со европските пари. Според властите, на ваков начин, преку наведување неточни податоци за сопственост на земјиште, проневерени се над 22 милиони евра меѓу 2019 и 2024 година.
Меѓу пратениците на кои им е одземен имунитетот е и поранешниот министер за инфраструктура и транспорт, Костас Караманлис, кој претходно ги повика колегите да го поддржат барањето на обвинителите бидејќи „нема што да крие“. Караманлис, кој поднесе оставка по железничката несреќа кај Темпе во 2023 година, изјави дека обвинувањата се „бесмислени“.
Аферата сериозно влијае врз јавната доверба во владата на Киријакос Мицотакис и во поддршката за Нова демократија во анкетите. Популарноста на владејачката партија е во остар пад, а неа ја поддржуваат 25,7 отсто од гласачите, иако таа сè уште води пред социјалистичката ПАСОК.
Грција крева безбедносен штит околу американски и израелски потенцијални цели во земјата


