„Гласен текстилец” со отворено писмо од македонските пратеници бара да се донесе петтиот сет мерки

Гласен текстилец/ Фото: МИА

 Здружението „Гласен текстилец” од Штип денеска испрати отворено писмо до пратениците во Собранието во кое бара од нив под итно да се донесе петтиот пакет на економски мерки. Во писмото се вели  дека оваа социо-економска и здравствена криза предизвикана од вирусот Ковид-19, удри со сета сила по вработените од ниско-профитабилните и трудоинтензивни гранки, по жените, младите, возрасните пред пензија, хронично болните лица, самохраните родители.

-Се соочија со незаконски откази, не продолжување на договорите за работа, намалена плата, доцнење на плата и по два месеца, губење на права од работен однос, се разболуваа на работно место, но се трудеа да опстојат поради нивните семејства. Голем дел од фирмите особено во текстилната индустрија, немаат се уште исплатено плати за февруари и март 2021 година на работниците и работничките, така што тие се оставени на милост и на немилост. Поради неисплата на плати и лошата состојба на фирмите, работниците при користење на здравствени услуги се принудени да плаќаат на приватно. Свесни сте дека тоа значи  изложување на огромни парични издатоци и е сериозен проблем за нормално живеење, се вели во писмото на „Гласен текстилец” до македонските пратеници.

Посочуваат дека во ниту еден  момент ова не претставува одлика на една социјална држава каква треба да биде согласно  Уставот. Бараат за време на привремена спреченост од работа (боледување) поради Ковид-19, на вработените во јавниот и во приватниот сектор да им биде исплаќан надоместок на плата во целосен износ, односно 100 отсто. Потребата од ваквото барање, додаваат, произлезе поради тоа што граѓаните се соочени со егзистенцијални проблеми, посебно оние од приватниот сектор поради лекувањето и лекарствата чии цени се значително зголемени, а приходите на работниците и надоместокот од 70 отсто за време на боледување не се доволни за тие да ги подмират трошоците за лекување на болеста.

-Не смееме да си дозволиме да немаме платено здравствено осигурување, особено во време на здравствена криза. ФЗОМ не смее да ги остави граѓаните да ги плаќаат прегледите, терапиите за себе и своите деца на приватно. Не хумано е од страна на пратениците, што ги ставаат личните и партиските интереси пред интересот на граѓаните кои се најранливата категорија во оваа здравствена и социо-економска криза со пандемијата, особено бидејќи вие треба да сте гласот на народот, вие треба да ги барате овие итни и неодложни потреби и да ги истакнувате проблемите на оние поради кои ја имате оваа функција. Благодарение на нив, вие имате редовна, висока плата, право на платено здравствено осигурување и повеќе од пристојни услови за работа. Не се соочивте со доцнење на плати, со незаконски откази и намалена плата. Не ве замолуваме, туку бараме од вас како пратеници, народни избраници, да престанат овие политички препукувања во ова Собрание кое се нарекува народен дом, и да го ставите интересот на народот пред секоја политичка цел, бидејќи работниците и работничките очекуваат од вас да го изгласате овој сет на мерки, зашто е неопходен за нормално функционирање на секоја човечка индивидуа, велат од „Гласен текстилец”.

Тие од пратениците бараат донесувања и измени на закони кои ќе овозможат редовна исплата на плата, следење на злоупотребите од страна на одредени работодавачи преку првите четири сета на мерки, помош за оние кои останале без работа, 100 отсто платено боледување поради Ковид-19 и право на здравствено осигурување на секој еден граѓанин.

-Она што е недозволиво е да се продолжи со неконструктивни препукувања и во последно  време, националистички реторики, бидејќи и Македонци, и Албанци, и Бошњаци, и Турци и Роми , се ставени во незавидна положба, бизнисите пропаѓаат а граѓаните се соочуваат со егзистенцијални проблеми. Тоа е најмалку што можете да направите за вашата држава и вашиот народ, бидејќи тој народ, граѓаните, ви ја дале поддршката да ги браните нивните интереси. Тоа и само тоа е вашата улога во ова Собрание, се вели во писмото на „Гласен текстилец” до македонските пратеници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот