Германските безбедносни служби го отфрлаат софтверот на американски „Палантир“, страв им е од надзор и од влијанија
Германските разузнавачки и безбедносни служби наводно решиле да не ја користат платформата на американската компанија „Палантир“, туку да се насочат кон француско решение, пишува „Дојче веле“.
Препорачано
Според „Зидојче цајтунг“, НДР и ВДР, Федералната служба за заштита на уставот (БФВ) избрала систем од француската компанија „ШапсВижн“. Официјална потврда засега нема, а германското Министерство за внатрешни работи одби да ги коментира информациите, наведувајќи дека станува збор за чувствителни оперативни прашања.
„Палантир“ веќе со години е една од најконтроверзните технолошки компании во безбедносниот сектор. Нејзиниот софтвер се користи од американските служби, НАТО и западните армии за обработка и анализа на огромни количини податоци, следење закани и откривање терористички мрежи.
Но, токму тоа во Германија предизвикува сериозен отпор. Критичарите предупредуваат дека ваквите системи отвораат простор за масовен надзор, автоматско профилирање и злоупотреба на лични податоци.
Германските служби бараат нови овластувања
Германските безбедносни институции во меѓувреме бараат пошироки овластувања и помоќни алатки базирани на вештачка интелигенција за борба против тероризам, шпионажа и екстремизам.
За тоа ќе бидат потребни и законски измени, кои веќе предизвикуваат политички судири во Берлин.
Германската Левица жестоко се спротивставува на ваквите планови. Пратеничката Клара Бингер предупреди дека проблемот не е само во „Палантир“, туку во целиот концепт на автоматизирана обработка на масовни бази на податоци од страна на државните служби.
Случајот дополнително ја отвори и пошироката европска дебата за зависноста од американските технолошки компании, особено во чувствителни области како безбедноста, разузнавањето и вештачката интелигенција.
Во меѓувреме, директорот на „Палантир“, Алекс Карп, ги отфрли критиките и порача дека Германија не може да си дозволи да се откаже од технологијата на компанијата.
Тој изјави дека германските реакции кон системите базирани на вештачка интелигенција звучат „како да станува збор за вештерство“.
Зеленски ја проширува употребата на вештачка интелигенција во војната


