Зеленски ја проширува употребата на вештачка интелигенција во војната
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и директорот на американската технолошка компанија „Палантир“, Алекс Карп, денеска се сретнаа во Киев, пренесе „Ројтерс“.
Препорачано
„Палантир“ веќе подолго време работи со украинските власти на системи за анализа на огромните количини податоци од бојното поле кои ги има Украина, за таа да ги спречи руските напади со дронови.
Клучен дел од соработката е центарот за податоци „Брејв1“, преку кој украинските сили обработуваат видеоматеријал, движења на руски сили и информации од фронтот со помош на вештачка интелигенција.
Украина сè поинтензивно користи вештачка интелигенција во војната со Русија, а системите со ВИ веќе стануваат клучен дел од анализата на фронтот, како следењето дронови и обработката на борбени податоци.
Според украинскиот министер за дигитална трансформација Михајло Федорор, повеќе од 100 компании моментално работат на над 80 модели на ВИ кои се користат за воздушна одбрана, следење дронови и автоматска анализа на закани.
Украина во последните две години стана една од државите што најбрзо ја воведуваат вештачката интелигенција во модерното војување, особено во комбинација со дронови и системи за брза обработка на податоци, претворајќи се во тест-поле за нови технологии, од анализа на фронтот и автоматско следење цели, до координација на беспилотни летала и обработка на борбени информации во реално време.
„Палантир“ е една од највлијателните американски технолошки компании во областа на анализа на податоци и вештачка интелигенција, позната по соработката со американската војска, разузнавачките служби и НАТО. Нејзините системи се користат за обработка на огромни количини информации во реално време. Од следење движења на фронтот и откривање закани, до координација на дронови, автономни системи и роботизирани платформи, како и анализа на снимки од беспилотни летала и сателити.
Зеленски порача дека соработката со технолошките компании ќе биде важна не само за одбраната на земјата, туку и за идниот технолошки развој на Украина.
Зеленски: Русија лансираше над 200 дрона, реши да го прекине делумнoто примирје


