Фото: Зеленски / X

Зеленски: Русија лансираше над 200 дрона, реши да го прекине делумнoто примирје

Украинскиот претседател Володомир Зеленски денес изјави дека Русија во текот на ноќта лансирала повеќе од 200 дрона, со што решила „да го прекине делумниот прекин на огнот“, пренесува агенцијата Анадолу.

„Рековме дека ќе одговориме со иста мера на сите руски потези“, предупреди Зеленски на социјалната мрежа Х.

Тој ја обвини Москва за лансирање на повеќе од 80 воздушни бомби и извршување на над 30 воздушни напади.

„Беспилотните летала се пресретнати над регионите Днипро, Житомир, Миколаев, Суми, Харков и Чернигов, како и над Киев и околниот регион“, соопшти украинскиот претседател.

Според него, евидентирани се оштетувања на енергетските капацитети, станбени објекти и градинка, а извршен е и напад врз локомотива за цивилен воз во регионот Днипропетровск.

„Пријавени се повредени лица како последица на овие напади. И за жал, има и жртви“, изјави тој, упатувајќи сочувство до семејствата на настраданите.

„Русија мора да ја прекине оваа војна и токму таа треба да го направи чекорот кон вистински и траен прекин на огнот“, нагласи тој, повикувајќи на посилни санкции кон Москва сè додека не се постигне трајно примирје.

Руското Министерство за одбрана преку Телеграм соопшти дека нивните сили, од полноќ па наваму, пресретнале 31 украинско беспилотно летало над регионите Белгород, Волгоград, Воронеж и Ростов.

Според Анадолу, официјалната потврда на овие тврдења останува тешка поради војната која сè уште трае. Тридневниот прекин на огнот меѓу Русија и Украина, предложен од американскиот претседател Доналд Трамп, заврши вчера во 21 часот по Гринич.

Трамп во петокот изјави дека Москва и Киев се договориле за примирје во периодот од 9 до 11 мај, заедно со размена на затвореници по принципот 1.000 за 1.000, опишувајќи го овој потег како евентуален чекор кон завршување на војната.

Пред предлогот на Трамп, Москва објави едностран прекин на огнот за 8 и 9 мај по повод годишнината од советската победа во Втората светска војна и ја предупреди Украина на „масовен“ ракетен одговор доколку биде попречено одбележувањето на Денот на победата.

Киев подоцна соопшти дека ќе го почитува прекинот на огнот почнувајќи од полноќ на 6 мај. Двете страни последователно меѓусебно се обвинија за кршење на примирјето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот