Фото: Printskrin / Fejsbuk / Akademia Wedkarska

ФОТО+ВИДЕО | Соборија светски рекорд! Полјаци фатија џиновски сом долг 292 сантиметри: „Го извлекувавме час и половина“

Неверојатен риболовен подвиг на југот на Полска ги воодушеви љубителите на спортски риболов низ целиот свет. Во резервоарот Рибњики, во текот на натпреварот во дисциплината спининг, бил уловен сом долг дури 292 сантиметри, што претставува нов светски рекорд.

Џиновската риба успеале да ја извлечат Кшиштоф Пира и Адриан Гонтарц, членови на рибарскиот клуб „Академија Ведкарска“ од Лублин. Нивниот улов веднаш го привлече вниманието на рибаловниот свет.

– Го влечевме повеќе од час и половина. Кога конечно се појави на површина, не можевме да веруваме што гледаме. Беше огромен, со глава како чудовиште – изјавил Пира за порталот „спорт.пл“.

Со официјалното мерење е потврдено дека сомот е долг 292 сантиметри, со што е соборен досегашниот светски рекорд од 285 см, поставен во 2023 година во Италија, на реката По.

– Ова не е само нов полски, туку и светски рекорд – гордо изјавил Пира.

Откако надлежните го потврдиле резултатот, рибата била вратена во езерото, во согласност со правилата на натпреварот и принципите на одржливиот риболов.

Фото: Printskrin / Fejsbuk / Akademia Wedkarska

Езерото Рибњики со години е познато како едно од најдобрите места за риболов во Европа.
Тоа е дом на бројни големи видови риби, меѓу кои се издвојуваат сомовите и краповите. Експертите истакнуваат дека специфичните услови се заслужни за толку големи примероци – водата од езерото се користи за ладење на блиската термоелектрана на јаглен, што ја прави постојано потопла од просекот.

Таквата температура, велат тие, им овозможува на рибите да растат побрзо.

Овој исклучителен улов им донесе светска слава на двајцата рибари и дополнително го потврди статусот на Рибњики како една од најатрактивните дестинации за риболов во Европа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот