ФОТО | „Проколнати убавици“ на поранешна Југославија: Славата и титулата не значи „загарантирана“ среќа

Фото: Инстаграм

Многу девојки сонуваат да ја понесат титулата Мис, со надеж дека тоа ќе им донесе успешна кариера, среќен брак и удобен живот. Но, малку успеваат во тоа. Атрактивниот изглед на некогашните југословенски убавици како да им беше предзнак за лошата судбина.

Во далечната 1966 година, популарното женско списание „Базар“ го организираше првиот избор за мис на тогашна Југославија, а титулата со едногласна одлука од жирито ја понесе прекрасната деветнаесетгодишна дубровчанка Никица Мариновиќ.

Никица Мариновиќ Фото: Инстаграм

За малку ѝ избега круната на настанот во Лондон, каде што ја освои титулата прва придружничка на Мис на светот, што до денес е најдобар пласман што го освоила некоја девојка од овие простори. Потоа, на Никица сите врати ѝ беа отворени. Доби многу филмски понуди, но скромната дубровчанка се посвети на манекенството и модата.

Никица Мариновиќ (трета од лево) прва придружничка на изборот за Мис на светот Фото: Инстаграм

Сепак, во приватниот живот не ја следеше среќата. По кратка врска заплови во брачните води со десет години постариот Вук Вуча, режисер познат како „ловец на убавици“, со кого доби син и се разведе по три години. Таа потоа се омажи со режисерот Здравко Шотра, со кого 18 години живееја во складен брак. Никица роди уште еден син, но по разводот, кој за неа беше втор, падна во депресија со која се бореше до крајот на животот. Во ноември 2008 година пронајдена е мртва во домот во Белград, откако испила голема количина таблети за спиење.

Голема љубов уништена од трагедија

Ивана Ковач ја наследила убавината од мајка ѝ Анита Батурина Фото: Инстаграм

Кога во 1970 година победи на југословенскиот избор за Мис тинејџерка, тогаш 17 годишната сплиќанка Анита Батурина го имаше светот под своите нозе. Од сите страни и стигнуваа понуди, а додворувачи имаше безброј. Но таа одби сè, бидејќи се вљуби во дваесет години постариот и оженет пејач, Мишо Ковач.

Голема љубов: Мишо Ковач и Анита Батурина во 80тите / Фото: Принсткрин xxzmagazin.com / Feljton Mišo Kovač: Dalmatinski individualac

Опседнат од нејзината убавина, тој набрзо се разведе и ја запроси, штом стана полнолетна. Се венчаа со голема помпа, се вселија во лускузен стан во Загреб, а Анита уживаше во брачниот живот, во кој роди две деца – синот Еди и ќерката Ивана. Живееја мирно до почетокот на 90-те години, кога на фронт, под досега необјаснети околности им загина синот Еди. Тоа беше почеток на крајот на љубовта и бракот за кој двајцата велеа дека ќе трае засекогаш. Откако се разведе, Мишо се вљуби во друга жена, а Анита која остана сама со ќерката Ивана, која заглави во светот на дрогата. По борбата со тешка зависност која траеше неколку години, младата Ивана излезе како победник и се посвети на пеењето. Денес Ивана е сопруга и мајка и успешна пејачка и често настапува со татко ѝ. A за среќа и Анита пронајде нова љубов и се посвети на угостителството.

Скандалозниот живот на совршената убавица

Ана Сасо во деновите на најголема популарност Фото: Инстаграм

Ана Сасо, мис на Југославија 1982 година, и една од десетте финалистки на светскиот избор, имаше убедливо најубаво тело од сите југословенски претставнички. Пласманот во Лондон ѝ донесе филмска понуда која ја одби поради тогашното момче, и како што изјави самата, дека се барало од неа да се појави топлес.

Подоцна се појави во една провокативна реклама за сок, кога излегува од вода со припиена водена маичка, што ѝ донесе огромна популарност, но тоа, со повремените појавувања на модни ревии, беше врвот во кариерата на Сасо. Сè друго се сведува на пропаднати бракови, прво со сплитски угостител, со кого помина пет години полни со караници и насилство, за потоа да најде надеж во прегратките на поранешен фудбалер, кој исто така ја тепаше. Потоа се омажи за богат сопственик на туристичка агенција и кога помисли дека конечно ја најде својата среќа и мир, го преуредија станот во елитниот дел од Сплит и изјавија дека планираат деца, а по три години како бомба одекна веста дека сопругот ја напуштил Ана поради друга жена. Подоцна се дозна дека поради бројните деловни промашувања, останала без скршена пара, се лекувала од депресија и консумирала опијати. Тогаш во нејзиниот живот влезе четири години помлад хирург-плејбој, кој донекаде ѝ даде поддршка да застане на нозе, но по пет години заедно, убавицата реши да стави крај на оваа љубов. Без ден работен стаж, сè уште убава, но не доволно млада за да може да заработува со изгледот, најзгодната југословенска мисица се сврте кон молитвите и во својата 55-та година, како што велат нејзини познаници, „живурка од денес до утре“.

Жртва на бесчувстителниот Казанова

Сузана Жуниќ денес е успешна сликарка Фото: Инстаграм

Во 1988 година на изборот за мис Југославија жирито не се двоумеше многу и титулата ѝ ја додели на нежната русокоса убавица Сузана Жуниќ, чија убавина веднаш го привлече вниманието на еден од најголемите „донжуани“ од овие простори – фудбалерот Игор Штимац. Тие се венчаа три години подоцна, добија три деца, а потоа сопругот почна да го покажува своето вистинско лице. Една по друга во неговиот кревет се менуваа љубовниците, прво тајно, потоа сè помалку дискретно, за да по некое време избие скандал со разбеснета поп ѕвезда, која сфаќајќи дека ја лаже дека ќе ја остави сопругата, јавно му истури чаша со шампањ во лице. Весниците беа преполни со фотографии на кои се гледаше како обезбедувањето ја исфрла од клуб лутата љубовница. По ова иако Сузана му го прости неверството, тој го напушти станот и по 19 години брак таа реши конечно да стави крај на бракот. На Сузана ѝ требаше многу време да закрепне од овие удари, но успеа да се избори со депресијата и денес е успешна сликарка мажена за познат спортски работник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот