ФОТО | Mузика, овации, многу љубов и емоции: „Ареа“ уште еднаш докажа зошто е еден од омилените македонски бендови изминатите 33 години
Легендарниот македонски рок-бенд „Ареа“ синоќа одржа спектакуларен концерт во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје. Публиката ги пречека музичарите на сцената со громогласни овации, повеќе од два часа пееше со нив во еден глас и создаде атмосфера исполнета со енергија, љубов и емоции.
Препорачано
Поводот беше двоен јубилеј — 25 години од издавањето на албумот „Врати на имагинација“ и 25 години од големиот концерт на Скопски саем во 2000-та година.
Публиката ја исполни салата до последното место, а енергијата беше неверојатна од почеток до крај. Многумина кои беа дел од легендарниот концерт на Саем пред четврт век, повторно беа таму да уживаат во изведбата на „Ареа“ со истата младешка возбуда и љубов кон нивната музика.
„Во далечната 2000-та година го издадовме албумот „Врати на имагинација“ и одржавме голем концерт кој многумина сè уште го паметат. Верувам дека и вечерва ќе си поминеме одлично — можеби дури и подобро од тогаш“, изјави пејачката Ружица Милошеска Брчиоска на почетокот на концертот. Нејзините зборови беа пречекани со громогласен аплауз, по што официјално започна го концертното патување со песната „Биди мој“.
Во текот на повеќечасовниот настап, „Ареа“ ја потврди својата извонредна музичка форма и искуство на сцената. Ружица блескаше со својата енергија, моќна вокална изведба, а бендот им приреди на присутните вистинско музичко патување низ годините.
Публиката уживаше во изведбите на хитовите од легендарниот албум „Врати на имагинација“, меѓу кои „Сите мои слики“, „Одведи ме“, „Пријател“, „Биди мој“ и многу други песни кои ја одбележаа златната ера на македонската музика. Особен момент беше изведбата на „Очи ангелски“, кога на сцената им се придружи Јанг Дади.
„Овој албум и денес има посебно место во срцата на многу генерации кои пораснаа со нашата музика и сè уште растат со неа“, рече Ружица Милошеска Брчиоска пред публиката која стоечки ги поздрави.
По завршувањето на концертот, премиерно беше промовирано винил-изданието на албумот „Врати на имагинација“, кое посетителите можеа да го набават на самото место. Сите кои го купија, добија можност да се дружат, фотографираат со членовите на бендот, и секако да добијат нивни потпис.
Со овој концерт, „Ареа“ уште еднаш покажа зошто повеќе од три децении останува еден од најомилените македонски бендови, со музика што ги спојува генерациите, со енергија што не старее и со љубов што секогаш има место кај секој кој ја сака нивната музика.














