Славска трпеза/Фото: Профимедиа

ФОТО | Нека се најдат на вашата славска трпеза: Рецепти за највусните посни салати за Св. Никола

На 19 декември многу семејства кај нас го слава празникот Св. Никола. Славата е посна, а со самото тоа, домаќинките треба да подготват јадења кои на гостите ќе им ги послужат ем посни ем вкусни.

Со цел да не се измачувате во потрагата што да подготвите, ние ви нудиме неколку идеи кои ќе ви ослеснат кога станува збор за салатите.

Посна руска салата

Состојки:

– 2 конзерви сардина
– посен мајонез
– 4 помали моркови
– 4 кисели краставици
– 1 поголем компир
– 300 г грашок
– сол, бибер

Руска салата/Фото: Профимедиа

Подготовка:

Сварете ги и исечкајте ги на коцки компирот, морковите и грашокот, а потоа ситно исечкани додадете ги и киселите краставици и сардините. Посолете и побиберете по желба, а потоа додадете го и посниот мајонез откако салатата добро ќе се излади. Салатата, по желба, можете да ја направите и без сардини.

Макало од компири, суви пиперки, праз

Состојки:

– неколку компири
– неколку суви пиперки
– праз
– сол
– масло

Макало од компири/Фото: Профимедиа

Подготовка:

Компирите се варат и пасираат, а сувите пиперки се варат. Празот се сечка ситно и треба да се истолчи со малку сол. Од сувите пиперки со лажиче се собира месото под лушпата и се толчи. Компирите, празот и пиперките се мешаат, се ставаат зачини по желба. Може да се додаде масло да се изврие и прелие смесата.

Макало од модри патлиџани

Состојки:

– 1 печен модар патлиџан
– 2-3 чешниња лук
– магдонос
– ореви (по вкус)
– сол, бибер
– маслиново масло
– маслинка за украсување

Подготовка:

Модриот патлиџан, се лупи и се гмечи со вилушка. Модриот патлиџан се става во еден сад и му се додаваат сол, маслиново масло, ситно сечкани лук, ореви и магдонос и се меша се убаво. Се украсува со маслинка.

Салата со сенф
Состојки:

– 3 моркови
– 4 компири со средна големина
– 10 кисели краставици
– 1 полна лажица сенф
– 2 лажици масло
– 1 лажица оцет
– малку шеќер
– сол, бибер

Салата со сенф/Фото: Профимедиа

Подготовка:

Сварете ги морковите и компирите во солена вода, потоа исцедете ги и исечкајте ги на ситни коцки. Краставиците исто така, исечкајте ги и додадете ги во компирите и морковите.
Претходно добро измешајте ги оцетот, шеќерот, маслото и сенфот и додадете ги откако варените компири и моркови добро ќе се изладат.

Шарена салата

Состојки:

– 300 г интегрален ориз
– 100 г грашок или боранија
– 100 г млади тиквички
– 1 зелена пиперка
– 1 црвена пиперка
– 2 моркови
– чешне лук
– малку магдонос
– сок од половина лимон
– 100 г кисели краставички
– сол, бибер

Шарена салата со зеленчук/Фото: Профимедиа

Подготовка:

Во зовриена вода ставете ги тиквичките, пиперката и морковите исечкани на коцки, а потоа и грашокот и белиот лук. А, потоа и оризот, сокот од лимон и зачините. Варете 15 до 20 минути додека не се свари оризот, а потоа додадете ги и исечканите кисели краставици. На крајот можете да додадете и малку ореви.

Салата со компири – лесна, а многу вкусна

Состојки:

– 1 кг компири
– 2 црвени кисели пиперки
– 3-4 кисели краставички
– 2 главици црвен кромид
– вегета
– сол
– магдонос
– оцет

Салата со компири/Фото: Профимедиа

Подотовка:

Се варат компирите сосе лушпата, па додека се топли се лупат и се сечат ситно. Во посебен сад се сече кромидот, се посолува и се ситни со вилушка. Се додаваат две сечкани кисели црвени пиперки, 3-4 кисели краставички, како и зачините и магдоносот, па сè убаво се меша. Се става масло и оцет и се додава смесата на компирите. Добро се промешува и се сервира декорирано по желба.

 

 

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот