Раул Мало - Фото: Инстаграм

ФОТО | На 60 години почина Раул Мало, фронтменот на бендот „Маверикс“

Раул Мало, форнтменот на бендот „Маверикс“ почина в понеделникот на 8 декември, на 60 годишна возраст, откако во септември оваа година откри дека се бори со лептоменингална болест – вид рак кој ги зафаќа мозокот и ’рбетниот мозок, пренесува „Гардијан“.

„Со најдлабока тага ја споделуваме веста за заминувањето на нашиот пријател, член на бендот и брат, Раул Мало, на 8 декември 2025 година, на 60 години. Сите кои имаа привилегија да бидат во близина на Раул знаеја дека тој е вистинска сила на природата, со заразна енергија. Во текот на кариера подолга од три децении, тој забавуваше милиони луѓе ширум светот, а неговите огромни креативни придонеси и уникатниот талент создадоа мултикултурна американска музика која ги надминуваше границите на самата Америка“, стои во соопштението на бендот.

Во соопштението се истакнуваат неговите „енергични настапи“ кои му донесоа „голема и лојална публика“, додека неговата моќна способност за пишување песни и музичките вештини освоија повеќе награди меѓу кои и Греми.

Додаваат и дека „неговата животна посветеност на зачувување на повеќејазичното американско музичко наследство беше нешто на што тој најмногу гордееше“, потсетувајќи дека во 2020 година влезе во историјата како првиот артист чиј албум дебитираше на врвот и на латино поп листите.

Бендот исто така нагласува дека Мало бил „постојан застапник на музичкото образование како инспирација за секое дете во Америка и низ светот“, и дека добил бројни признанија за својата посветеност на таа мисија.

„Иако неговото тело замина, духот на Раул ќе живее засекогаш на небото и овде на земјата преку музиката, радоста и светлината што ја остави“, заклучуваат тие. „Неговиот придонес кон американската и латинската музика ќе биде вечен, бидејќи неговите песни и глас го допреа публиката и артистите низ целиот свет.“

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Raul Malo (@raulmalo01)

„Никој не ги олицетворуваше животот и љубовта, радоста и страста, семејството, пријателите, музиката и авантурата како нашиот сакан Раул. Сега ќе нè гледа од горе, осветлувајќи ни го патот и потсетувајќи не да уживаме во секој момент“, напиша неговото семејство во објава на Инстаграм.

„Дино, Виктор, Макс и јас — заедно со целото наше семејство — ви благодариме за љубовта и поддршката во текот на сето ова. Ја почувствувавме секоја порака и секое охрабрување. Со зборовите на Раул: „Muchísimas gracias““.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот