Фото: Инстаграм/Дакота и Данили Норис

ФОТО | Децата на Чак Норис се простија од својот татко: „Беше најдобриот родител што можев да го имам“

По веста за смртта на Чак Норис, од него јавно се простија неговите деца – синот Дакота и ќерката Данили, кои на социјалните мрежи споделија емотивни пораки посветени на својот татко.

Смртта на легендарниот актер и мајстор на боречки вештини ги растажи обожавателите ширум светот. Норис почина на 86-годишна возраст на Хаваи, а неговото семејство минува низ тежок период. Меѓу првите што се огласија беа неговите деца.

Дакота Норис се прости од татка си со трогателна објава на Инстаграм, придружена со заеднички фотографии. Во неа, 24-годишниот Дакота истакна дека во Чак Норис имал татко каков што секој би посакал.

„Тато, тешко е да се најдат вистинските зборови за ова, но ќе се обидам. Целиот живот беше човек на кој се угледував. Твојата дарежливост, добрина, храброст, чесност, сила, дисциплина и вера во Бога се само дел од работите на кои секогаш се восхитував. Живееше со цел и со љубов кон сите луѓе“, напиша тој.

Чак Норис со синот Дакота / Фото: Инстаграм/Дакота Норис

Во продолжение нагласи колку му значело тоа што татко му секојдневно му покажувал љубов.

„Беше најдобриот татко што Бог можеше да ми го даде и најдобриот човек што сум го запознал. Без разлика низ што поминував, секогаш беше тука. Се погрижи да знам колку ме сакаш. Искрено, мислам дека немаше ден да не ми го кажеш тоа. Горд сум што сум твој син. Спомените што ги создадовме, лекциите што ми ги даде и смеата што ја делевме ќе останат со мене засекогаш.

Ти благодарам за сè што направи за нашето семејство и за примерот што ни го даваше секој ден. Се надевам дека ќе живеам живот со кој ќе те направам горд. Те сакам, тато. Ќе ми недостигаш засекогаш“, напиша тој.

Чак Норис со синот Дакота / Фото: Инстаграм/Дакота Норис

Набргу потоа се огласи и Данили Норис, која во својата објава ја истакна топлината и грижливоста на својот татко – страна што јавноста не секогаш ја поврзувала со неговиот имиџ на акциски херој.

„Не мислам дека зборот ‘тага’ е доволен да ги опише емоциите низ кои моето семејство и јас поминуваме… Загубата на родител е нешто за кое никогаш не можете да бидете подготвени.

Пред да си земам време за себе и моето семејство, сакав оваа објава да му ја посветам на мојот татко и да му оддадам почит на неверојатниот човек каков што беше. Мојот татко беше мој заштитник од моментот кога се родив и кога ме зема во раце, станав неговото девојче. Тоа чувство секогаш го имав, дури и кога веќе не можеше да ме носи. Но некако секогаш успевавме“, напиша таа.

Чак и Данили Норис / Фото: Инстаграм/Данили Норис

Таа додаде дека зад имиџот на „борец“ се криело огромно срце полно љубов.

„Мојот татко сакаше длабоко и се грижеше за секој човек во својот живот со нежност. Можеби однадвор изгледаше како воин, но неговото срце беше полно љубов. Бескрајно сум благодарна што тоа го пренесе на мене.

Последните 24 години беше мојата сигурна пристаниште и засекогаш ќе ја носам неговата мудрост и љубов. Ветувам дека ќе ја продолжам неговата оставнина и ќе покажувам сочувство како што тој тоа го правеше“, напиша Данили.

Чак и Данили Норис / Фото: Инстаграм/Данили Норис

Во објавата сподели и фотографии од детството, како и цитат од Евангелието според Матеј: „Блажени се оние што тагуваат, зашто ќе бидат утешени“.

Чак Норис, ѕвезда на акционите филмови и познат борец, имаше пет деца: Мајк, Дина, Ерик, Дакота и Данили.

Чак Норис е итно примен во болница на Хаваите, актерот неодамна наполни 86 години

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот