Општина Гази Баба, Фото: Архива

Фирми добиле дозволи за градба кај Саем, Општината ги поништила и не им ги вратила парите, сега треба да плати 127 милиони денари

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефаноски денеска информираше дека по судска пресуда од Основниот граѓански суд, Општината е задолжена да плати 127 милиони денари на повеќе фирми кои во 2020 година ја тужеле локалната самоуправа поради што им биле поништени дозволите за градба, а не им бил вратен претходно дадениот надомест.

Градоначалникот потенцираше дека тужбата датира од октомври 2020, во времето на неговиот претходник Борче Георгиевски, кога фирмите кои имале дозволи за градба и платиле над 73 милиони денари за уредување на просторот околу поранешниот Скопски саем, а потоа Општината ги зела парите, ги поништила одобренијата и издала нови дозволи на други фирми, а притоа не им го вратила надоместокот на компаниите кои првично добиле дозвола.

„Повеќе правни лица кои поседувале важечки одобренија за градење на локацијата кај поранешниот Скопски саем и кои согласно Законот за градење и Законот за градежно земјиште уредно уплатиле надоместок за уредување на градежно земјиште, на 27.10.2020 година поднеле тужба против Општина Гази Баба пред Основниот граѓански суд. Претходното раководство на Општина Гази Баба издало нови одобренија за градење на друго правно лице, а истовремено ги огласило за ништовни одобренијата на правните лица кои веќе имале платено надомест за уредување на градежно земјиште. Наместо, при огласувањето на одобренијата за ништовни, да им биде вратен уплатениот надомест за уредување на градежно земјиште во износ од 73.460.330 денари, тогашниот градоначалник не го сторил тоа и постапката завршила на суд“, вели градоначалникот.

Бидејќи првичниот износ не бил вратен, по судска пресуда од Апелација на 30 октомври минатата година, сега Општината е задолжена на оштетените фирми треба да им врати речиси двојно, односно 127 милиони денари, вклучувајќи ги и каматите.

„Оваа пресуда јасно покажува дека во периодот од 2017 до 2021 година се работело неодговорно и без почитување на законите. Наместо во 2020 година да бидат вратени 73 милиони денари, денес општината е задолжена да врати 127 милиони денари“, рече Стефаноски додаде дека за овој случај ќе бидат информирани надлежните институции со цел да се разгледа можноста за утврдување одговорност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот