Ѕвездата на „That ’70s Show“ осуден за силување, му се заканува затворска казна до 30 години

Дени Мастерсон / Фото: Anna Webber / Getty images / Profimedia

Американскиот актер Дени Мастерсон, кој стекна светска слава со својата улога во ситкомот „That ’70s Show“, е прогласен за виновен за две силувања. Поротата, составена од седум жени и пет мажи, ја донесе пресудата по седумдневно размислување. Нему му се заканува затворска казна до 30 години, пишува „Гардијан“.

Наводно, 47-годишниот актер им ставал дрога во пијачките на жените, за да може да ги силува.

Обвинителите посочија дека тој силувал три жени, вклучително и неговата долгогодишна девојка, во неговиот дом во Холивуд Хилс, помеѓу 2001 и 2003 година. Поротата не можеше да донесе пресуда за силувањето на неговата долгогодишна девојка, но го прогласи за виновен за силувањето на преостанатите две жени.

Обвинителите рекоа дека актерот ја користел својата позиција во Скиентолошката црква, каде што сите три жени биле членови во тоа време, за да избегне последици со децении. Актерот не сведочеше, ниту неговите адвокати повикаа сведоци. Одбраната тврдеше дека делата биле консензуални и се обидела да ги дискредитира приказните на жените со посочување на промени и недоследности со текот на времето.

Дени Мастерсон со актерската екипа на „That 70s Show“ / Фото: 20TH CENTURY FOX – Album / Album / Profimedia

Скиентолошката црква одигра значајна улога во овие судења. Судијката Шарлејн Олмедо дозволи сведочење на специјалист за стратегијата на црквата, а обвинителите, исто така, рекоа дека чувствуваат дека биле заплашувани од некои членови на црквата во судницата.

Судијата им дозволи на поранешните и сегашните членови на црквата да објаснат зошто им било потребно толку време на жените да го пријават силувањето. Жените рекоа дека кога го пријавиле актерот кај црковните службеници, им било кажано дека не биле силувани, туку дека биле подложени на етички програми. Надлежните ги предупредија да не одат во полиција за да пријават таков висок член.

„Скиентологијата им кажа дека нема правда за нив. Имате можност да им покажете дека има правда“, им рече заменик окружниот обвинител Рајнхолд Мулер на поротниците во своите завршни зборови.

Црквата категорично негираше дека има каква било политика што им забранува на членовите да одат кај секуларните власти.

Дени Мастерсон и сопругата Бижу Филипс пред неколку дена / Фото: BACKGRID / Backgrid USA / Profimedia

Двете жени, кои го познавале Мастерсон преку социјалните кругови во црквата, рекоа дека тој им дал пијалоци и дека се онесвестиле пред насилно да ги силува во 2003 година.

Третата жена, тогашна девојка на Мастерсон со која бил во петгодишна врска, рече дека се разбудила додека тој ја силувал и дека го повлекла за косата за да го запре.

„Оптужениот ги дрогирал своите жртви за да има контрола врз ситуацијата. Тој го направил тоа за да ги лиши своите жртви од нивната способност да се согласат“, рече заменик окружниот обвинител Ариел Ансон.

Мастерсон не е обвинет за ниту една точка за употреба на дрога и нема токсиколошки докази за да го поддржат тоа тврдење.

Откако беше прогласен за виновен, актерот беше изведен од судницата со лисици на рацете.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот