ДС: Го осудуваме екстремизмот и сепаратизмот присутен кај албанските партии во земјава

Речникот на албанските парти во земјава во последен период содржи екстремизам и сепаратизам, што сериозно може да ги наруши меѓуетничките односи, безбедноста и стабилноста на државата, реагираат од Демократскиот сојуз.

Така, Арбен Таравари од Алијанса на Албанците, предложи реорганизација на Македонија доколку Македонците не гласаат за уставни измени. Од Алтернатива предложија заедница на општините со доминантно албанско население по примерот на српските општини во Косово. Али Ахмети од ДУИ на еден од своите настапи ги повика Македонците да ги следат Албанците на патот кон ЕУ, цитираме „Да ги обединиме сите Албанци, да го направиме проевропскиот фронт, да ги повикаме нашите македонски сограѓани и да ја водиме оваа земја кон Европската Унија”, за на крај Касами од БЕСА во своја објава на социјална мрежа да го прогласи „Тетово за главен град (Центар) на Албанците од Северна Македонија”, се вели во соопштението.

Потенцираат дека досега нема ниту еден коментар и осуда од СДСМ, за која додаваат дека „за да остане уште некој месец на власт, толерира национализам кој ги поткопува соживотот и унитарниот карактер на Македонија“.

Демократскиот сојуз најостро ги осудува екстремизмот и сепаратизмот кои нѐ водат кон дестабилизација и целосна блокада на евроинтегративните процеси. Политиката на заплашување врз основа на национализам, не е ниту демократска, ниту европска вредност. Затоа на ваквите најави/изјави потребна е соодветна реакција и од државните институции, во спротивно молкот ќе значи поддршка на сепаратизмот кој ќе нѐ вовлече во опасен националистички вртлог, додаваат од партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот