Добрата физичка кондиција помага да останете смирени кога сте под стрес и под притисок, покажува истражување
Редовната физичка активност не придонесува само за подобро телесно здравје, туку може да помогне и во контролирање на емоциите во стресни ситуации. Истражување објавено во научното списание „Акта психологика“ покажува дека повисоката кардиореспираторна кондиција е поврзана со пониско ниво на анксиозност и гнев, како и со поголема емоционална издржливост.
Препорачано
Истражувачите од Федералниот универзитет во Гојас, Бразил, спровеле експеримент со 40 здрави млади испитаници, поделени во две групи – со натпросечна и со потпросечна физичка подготвеност. Учесниците биле изложени на две серии визуелни стимули: неутрални слики од секојдневни предмети и непријатни сцени со повреди и заканувачки ситуации, со цел да се предизвика стресна реакција, пишува „Медикал експрес“.
Резултатите покажале јасни разлики меѓу групите. Иако кај сите испитаници се зголемила напнатоста при гледање на вознемирувачките слики, лицата со повисока кондиција останале значително посмирени. Кај групата со пониска физичка подготвеност, ризикот анксиозноста да премине од умерено во високо ниво бил зголемен за 775 проценти.
Истражувачите наведуваат дека дисциплината потребна за одржување добра физичка форма можеби придонесува за развој на ментална цврстина. Кај помалку физички подготвените испитаници биле забележани поголеми зголемувања на гневот и помала контрола врз емоциите.
Сепак, авторите нагласуваат дека студијата има ограничувања. Во неа учествувале релативно мал број испитаници, а нивото на кондиција било проценето преку прашалници, а не со директни мерења. Исто така, не биле анализирани биолошки маркери на стрес како кортизол или невротрофични фактори.
И покрај тоа, резултатите укажуваат дека редовната физичка активност може да биде ефикасна, нефармаколошка стратегија за подобро управување со стресот и гневот. За поцврсти заклучоци, потребни се дополнителни и пообемни истражувања.


