ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Јанкиевиќ: Еден пациент со седечка болест го чини општеството 9.200 долари за една година
Постои ли седечка болест и кој сè е засегнат од неа? Кои се проблемите што се јавуваат во вратот, во половината или страда некое друго место? Кои се последиците и како да се заштитиме? Можно ли е нејзиното лекување да го чини општеството скоро 10.000 долари по пациент на годишно ниво? Утрово на оваа тема во утринската емисија „Слободен печат“ разговараме со д-р доктор Аница Хаџи Петрушева-Јанкиевиќ, доктор по физикална терапија од приватната болница „Аџибадем Систина“.
Докторката вели дека постои седечка болест. Работните места сè почесто се врзани со седење, а техниката и технологијата нè прават сè повеќе статични, особено после пандемијата.
– Седечката болест е многу позастапена за разлика од порано. Ако се сметало дека еден канцелариски работник седи во континуитет 3-4 часа, тоа биле околу 65%, од 2022-2023 година студиите покажуваат дека дури 86% од работници кои се во канцеларија седат подолго од 4 часа континуирано. Седечката позиција влијае врз целиот телесен развој. Се смета дека максималното времетраење на седењето не треба да е повеќе од 90 минути. На секои 90 минути да има раздвижување од 5 до 7 минути – вели Јанкиевиќ.
Таа објаснува дека многу студии покажуваат дека сè повеќе се обрнува внимание на едукација на работниците. Според неа, последната статистика во 2023 година вели дека еден работник којшто е канцелариски во однос на трошоци од боледување, лекови и друго, општеството го чини околу 9.200 долари на годишна ниво.
– Ако земеме предвид колку такви работици имаме и колку трае работниот век, навистина бројката е енормна. Се трошат пари за лекување, квалитетот на работа се намалува за околу 30-40 отсто, а се намалува и квалитетот на живот. Се појавува спондилоза, проблеми со кичмениот столб. Се јавува болка при самото седење, стоење и таа се зголемува со текот на времето и сè почесто пациентот не може да стане од кревет – вели Јанкиевиќ.
Јанкиевиќ објаснува дека се јавуваат болки надолу, по екстремитетите, како ишиалгија, се јавува трнење, слабост на нозете. Тегобите во однос на вратниот дел најчесто се како тежина во вратот. Се нарушува циркулацијата, се јавуваат главоболки коишто со време може да се засилуваат, да се јават вртоглавици, ограниченост во подвижноста на вратот.
-И кај децата се појавува седентарна болест. Ако порано зборувавме дека ја има во работоспособна возраст, од 25 до 65-годишна возраст, сега тој просек е намален и се јавува веќе често и под 22 години. За жал во пандемијата заради седење на децата пред телевизор, односно пред компјутер и онлајн настава, најмладата пациентка којашто беше со седентарна болест и промени на повеќе нивоа на ’рбетниот столб, имаше 14 години – вели докторката.
Докторката објаснува дека се појавуваат сколиози и кифози. Целта на лекувањето, односно целта на третманот на кифозите и на сколиозите е едукација и на самото дете, и на целото семејство, дека само соодветната физичка активност ќе ја спречи прогресијата на болеста. Таа вели дека треба да научиме дека само одржувањето на тонусот, на мускулатурата, само физичката активност, соодветното раздвижување и соодветното вежбање, ќе ни го зачува мускулоскелетниот систем за да нè служи во животот.
– Ние до одреден период од животот го искористуваме и очекуваме после тоа на старост да нè служи. Малку потешко оди. Треба да научиме од мали нозе дека треба физичка активност, таа ни е вложување за понатаму во животот – вели Јанкиевиќ.
Јанкиевиќ советува да си го наместиме телефонот да нè потсетува да станеме на секои 60 до 90 минути, редовно да се хидрираме, да пешачиме најмалку три до четири пати неделно, да се вежба редовно макар и во домашни услови, посебно да се прават вежби за истегнување.
– Целта на физикалната терапија не е да го врземе пациентот во болница постојано или на секои шест месеци да оди на физикална, за да му биде подобро. Практично треба да го смени начинот на живот и погледот кон сето тоа. И тогаш, велам дека сум успешна, ако сум успеала да ве убедам да го смените гледиштето кон целото физичко здравје – вели Јанкиевиќ.