Девет години без Вања Лазарова, легендата на македонскиот изворен мелос
На денешен ден се навршуваат девет години од смртта на доајенот на македонската изворна народна музика, Вања Лазарова, глас што остави неизбришлива трага во македонската културна меморија. Родена на 27 април 1930 година во селото Страцин, Кратовско, Вања уште од најрана возраст ја покажала својата љубов кон народната песна.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Дел од својата кариера ја поминала во Операта при Македонски народен театар, а била и член на легендарниот ансамбл „Танец“, со кој ја претставувала македонската традиција ширум светот.
Нејзиниот моќен и автентичен вокал одекнувал на бројни сцени, меѓу кои и во престижната сала „Royal Albert Hall“ во Лондон, каде настапувала пред британската кралица Елизабета Втора. Во текот на кариерата снимила десетици изворни народни песни и соработувала со бројни музички имиња, оставајќи богат аудио запис во продукцијата на Македонска радио-телевизија.
Особено значајна е нејзината соработка со групата Анастасија во музиката за култниот филм „Пред дождот“ на режисерот Милчо Манчевски.
Со песни како „Со маки сум се родила“, „Параходот ми замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“ и „Многу ми го фалат бабо“, Вања Лазарова ја пренесуваше душата на македонската традиција од генерација на генерација.
Добитничка е на бројни признанија, меѓу кои и државната награда „Награда 11 Октомври“ за култура и уметност, како и наградата за животно дело на фестивалот „Цветници“.
Иако физички не е меѓу нас од 12 март 2017 година, нејзиниот глас останува жив, како симбол на македонската народна песна и духовното наследство на народот.


