Руски маникир на нокти/Фото: Pexels / Valeria Boltneva

Дерматолозите предупредуваат: Рускиот маникир е опасен, зошто треба да го избегнувате

Рускиот маникир, кој е сè попопуларен меѓу познатите личности, користи електрична брусилка за целосно отстранување на кожичката (кутикулата) околу ноктите, што може да го зголеми ризикот од инфекции и други проблеми со ноктите. Иако оваа техника може да создаде беспрекорен изглед на ноктите, дерматолозите предупредуваат на можните последици и препорачуваат побезбедни методи за нега на ноктите.

Што е руски маникир?

Клучна карактеристика на рускиот маникир е да се прескокне вообичаеното потопување на ноктите во вода за да се омекне кутикулата, проѕирната кожа во коренот на ноктот. Наместо тоа, кожата се обработува додека е целосно сува.

– Оваа техника вклучува употреба на електрична брусилка за агресивно скратување и чистење на кожичката на ноктот, што создава мазен, „совршен“ изглед околу ноктот – објаснила д-р Хана Копелман, дерматолог од ДермОнДеманд за „Хелт“.

Рускиот маникир обично вклучува целосно отстранување на кожичката.

– Тоа се разликува од традиционалните маникири, каде што кожичката се потиснува по потопувањето и потоа се скратува – рекол д-р Брендан Кемп, дерматолог во њујоршката ординација „МДЦС Дерматолоџи“.

По отстранувањето на кутикулата, техничарот го полира ноктот и го нанесува лакот по избор. Целиот процес може да трае два до три часа. Бидејќи кожичката и кожата околу ноктот се отстранети, се создава поголема површина за лакирање, поради што ноктите да изгледаат подолги. Тоа може да обезбеди беспрекорен изглед, а некои тврдат и дека таквиот маникир трае подолго од другите.

Кои се ризиците?

Главната улога на кожичката на ноктот е да создаде бариера што ги штити ноктите и околната кожа од потенцијално штетните бактерии.

– Американската академија за дерматологија препорачува да не се допира кутикулата. Таа расте преку коренот на ноктот за да го заштити; оштетувањето на кутикулата може да го направи ноктот подложен на повреди или инфекции. Некои од можните инфекции вклучуваат онихомикоза, габична инфекција на ноктот, или паронихија, која се развива на кожата околу ноктот – објаснил Кемп.

Оваа техника може да ги оштети и самите нокти. Кога кожичката ќе се отстрани толку блиску до ноктот, објаснила Копелман, се нарушува неговата структура и целина, што ја зголемува кршливоста и чувствителноста.

– Повторената траума на пределот на кожичката може да доведе до хронични воспаленија или дури и лузни, што долгорочно влијае на растот на ноктите – рекла Копелман.

Дали треба да ги избегнувате рускиот маникир?

Кемп не мисли дека сите треба да избегнуваат рускиот маникир, но напоменува дека е важно да се биде свесен за ризиците. Ако се одлучите за рускиот маникир, се препорачува да изберете искусен техничар за нокти.

Копелман, од друга страна, не ја препорачува оваа постапка.

– Според моето професионално мислење, рускиот маникир е најдобро да се избегнува или да му се пристапи со голема претпазливост – рекла таа.

Иако рускиот маникир постои веќе некое време, во последниве години доби голема популарност, делумно благодарение на социјалната мрежа Тикток. Техниката што користи електричен уред за целосно отстранување на сувата кожичка на ноктот создава впечаток на подолги нокти и „поисполиран“ изглед, но истовремено може да доведе до инфекции, воспаленија и повреди на ноктите и рацете.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот