Денеска се навршуваат 196 години од раѓањето на „таткото“ на македонската фолклористика, Марко Цепенков
Денеска се навршуваат 196 години од раѓањето на еден од најголемите македонски собирачи на народни умотворби, етнограф и писател – Марко Костов Цепенков, човекот што го посвети целиот свој живот на зачувување на народното богатство, духот и зборот на македонскиот народ.
Препорачано
Роден е на 7 ноември 1829 година во Прилеп, во сиромашно семејство кое потекнувало од прилепското село Ореовец. Поради тешките материјални услови, Марко завршил само една година основно образование, по што го изучувал терзискиот занает. Но неговата љубопитност и љубов кон народниот збор го одвеле по поинаков пат — во 1856 година започнал да собира народни умотворби, поттикнат од Димитар Миладинов, кого и самиот го спомнува како свој духовен водич.
Во 1888 година, Цепенков се преселил во Софија, каде што продолжил со својата собирачка и книжевна дејност. Веќе следната година, Министерството за народна просвета на Бугарија го започнало издавањето на „Зборник за народни умотворенија, наука и книжнина“, во кој Цепенков често објавувал свои записи.
Со својата плодна работа, Марко Цепенков дал огромен придонес за македонската книжевност, фолклористика, етнографија и култура. Повеќе од четириесет години собирал народни умотворби, правејќи го тоа лично — без посредници, со голема љубов и почит кон народната мудрост.
Во неговиот богат опус се вбројуваат:
- над 5500 пословици и поговорки,
- 800 народни приказни,
- 150 песни,
- 100 гатанки,
- 400 верувања и клетви,
- 300 благослови,
- 350 баења,
- 2900 соништа и нивни толкувања,
- 70 детски игри,
како и обемен јазичен и етнолошки материјал – речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, народна аргономија и домашен живот.
Цепенков ги собирал своите записи претежно од Прилеп и околината, но и од Битолско, Скопско, Штипско, Велешко и Дебарско, создавајќи најбогата и жанровски најразновидна колекција на македонско народно творештво.
Меѓу неговите дела се вбројува и драмското дело „Црне Војвода“, а неговата автобиографија претставува вреден извор за проучување на животот и обичаите во Прилеп од 19 век.
Животот на Марко Цепенков не бил лесен. Во последните години живеел изнемоштен, напуштен и заборавен, во голема сиромаштија. Починал на 29 декември 1920 година во Софија, каде што и бил погребан.
Неговото семејство го сочинувале: Никола, Коста, Ристе и Илче Цепенкови, како и ќерките Ката, Мара и Дафа Цепенкови.
Целокупната оставина на Цепенков денес се чува во Архивскиот институт на Бугарската академија на науките во Софија. Во современа Македонија, неговите дела првпат се реиздадени во 1954 година од Блаже Конески под наслов „Сказни и сторенија“. Во 1957 година, творештвото на Цепенков било прикажано во филм на Кирил Пенушлиски, а само една година подоцна започнало систематското издавање на неговите дела. Во 1972 година, било објавено целокупното творештво на македонски јазик, со што Цепенков конечно го добил заслуженото место во македонската книжевност и култура.
Денес, со гордост, Македонскиот институт за фолклор го носи неговото име, а неговото дело живее во секоја народна приказна, песна и поговорка.
Неговата дејност била насочена исклучиво кон Македонија – кон собирање, пишување и зачувување на македонската народна култура.
Денес, делото на Марко Цепенков претставува непроценливо богатство за македонската историја, литература и културна самобитност.


