Дали профилот на американското Министерство за домашна безбедност на „Икс“ е од Израел?
Откако се појави новата функција на „Икс“, што ја открива локацијата на одреден профил, социјалната мрежа беше преплавена со објави што покажуваа дека бројни МАГА-профили со голема видливост, кои се претставуваат како патриотски Американци, всушност изгледа дека се базирани во странство.
Нова функција на платформата „Икс“ предизвика збунетост, гнев и бран од интернет-детективи, откако корисниците открија дека мрежата одеднаш почнала да ги прикажува изненадувачките локации каде што се базирани одредени профили, објави „Ен-би-си њуз“.
Препорачано
За време на викендот, корисниците забележаа дека со кликнување на датумот на приклучување на профилот се отвора ново поле кое ја покажува земјата или регионот од каде што функционира профилот.
Шефот на производи на „Икс“, Никита Биер, ја најави оваа функција минатиот месец како начин да им помогне на корисниците да ја проверат автентичноста на содржината што ја гледаат и да го намалат влијанието на трол-фармите, коишто честопати управуваат со политички профили од други држави.
Проблемот со неавтентични или со „бот“ профили ги мачи платформата „Икс“ и другите социјални мрежи веќе повеќе од една деценија. Најпознат е примерот со неавтентични профили кои наводно биле користени од руска државна операција во пресрет на изборите во 2016 година за да се влијае на исходот. Инцидентот предизвика масовна загриженост за постојаното присуство на вакви профили, но методите за нивно откривање долго време беа ненадежни.
Кога технолошкиот милијардер Илон Маск го купи „Твитер“ во 2022 година, вети дека ќе го реши проблемот со „ботовите“ и спроведе повеќе „чистки“, со што отстрани голем број профили. Но, неколку студии покажаа дека сомнителните активности останале на исто ниво и по преземањето на Маск.
Новата функција, што ја открива локацијата, претставува поинаков пристап кон проблемот.
Штом се појави кај корисниците, „Икс“ беше преплавена со објави што покажуваа дека бројни МАГА-профили со голема видливост, кои се претставуваат како патриотски Американци, всушност изгледа дека се базирани во странство — вклучувајќи ги Македонија, Источна Европа, Тајланд, Нигерија и Бангладеш.
Профил што се претставува како „ULTRAMAGA 🇺🇸 TRUMP🇺🇸2028“ и тврди дека е базиран во Вашингтон, Д. К., е наведен како профил со потекло од Африка. Друг профил, веќе избришан, со име инспирирано од Доналд Трамп, „Trump Is My President“, беше наведен како профил од Македонија.
Има и демократски профили што не се баш од Америка
Корисниците се обидоа да ги таргетираат и левичарските профили.
Некои посочија на неофицијален профил со неколку стотици следбеници што тврдел дека ја претставува Демократската социјалистичка партија на Америка, а „Икс“ го прикажал како профил од Португалија. Но вистинскиот профил на оваа партија има над 300.000 следбеници и е верификуван.
Некои корисници реагираа дека локациите прикажани кај нивните профили не се точни. Три профили на новинари од „Ен-би-си њуз“ покажуваа локации што не соодветствуваат со местото каде живеат, туку со места каде неодамна патувале.
„Икс“ исто така прикажува предупредување кога се кликнува на локацијата на профилот:
„Земјата или регионот каде што е базиран профилот може да биде под влијание на неодамнешно патување или привремено преселување. Овие податоци може да не се точни и периодично се менуваат“.
Иако не е сосема јасно како „Икс“ ја определува локацијата, Биер објави во неделата вечерта дека системот сè уште се развива. На прашање дали компанијата користела „кратенки“ и дали податоците се точни, тој одговори дека следниот ден ќе има надградба.
„Точноста ќе биде речиси 99,99 отсто“, напиша тој.
Профилот на американското Министерство за домашна безбедност е од Израел?
Но објавите што создадоа најголем хаос се појавија во петокот наутро, кога екрански снимки и видеа со тврдење дека профилот на американското Министерство за домашна безбедност (ДХС) е прикажан како базиран во Израел станаа вирални. И од Министерството и Биер го негираа тоа тврдење, нарекувајќи го дезинформација.
Корисниците на „Икс“ споделуваа слики и видеа што наводно покажуваа дека во делот за информации пишува „Тел Авив, Израел“. Функцијата за информации за профилот исчезна во петокот вечерта.
„Ен-би-си њуз“ не ја виде локацијата на профилот пред функцијата да исчезне и не можеше да ја потврди автентичноста на снимките.
Ситуацијата се случува во период на остри политички реакции околу поддршката на САД за Израел, што многу коментатори ја нарекуваат како претерано наклонета кон странска држава.
https://t.co/32KUm3JeHL pic.twitter.com/mbFdamoqkb
— j! (@astrrals) November 21, 2025
ДХС првично реагираше со „мим“ од изненаден Трамп, без да го потврди или демантира прикажувањето на локацијата.
Во неделата, следуваше официјално демантирање.
„Не можеме да веруваме дека мораме да го кажеме ова, но овој профил отсекогаш бил управуван од територијата на САД. Скриншотови е лесно да се лажираат, видеа лесно се манипулираат. Ви благодариме за вниманието“ објави ДХС.
На барање за коментар, портпарол на ДХС го посочи истиот јавен демант.
Функцијата повторно се појави кратко време по исклучувањето, а Биер најави глобално пуштање во саботата. Но, функцијата, која претходно ги прикажуваше и тековната локација и локацијата при креирање на профилот, веќе не го прикажува второто.
Биер, реагирајќи на шпекулациите, напиша дека функцијата била исклучена „бидејќи земјата при креирање на профилот беше неточна кај мал дел од старите профили, поради променетите ИП опсези“. Не појасни дали ова се однесува и на профилот на ДХС.
Сепак, тој одговори на некои од објавите тврдејќи дека снимките за ДХС се „лажни вести“.
„Локацијата никогаш не била достапна за ниеден владин верификуван профил. Дополнително, ДХС отсекогаш покажувал ИП адреси од САД,“ напиша тој, а платформата некои од видеата веќе ги означи како „манипулирана содржина“.
До неделата наутро, локацијата повторно беше прикажана кај профилот на ДХС — овој пат како: „САД“. Но, се чини дека тоа е единствениот владин профил што ја покажува локацијата, бидејќи другите верификувани профили ги прикажуваат само датумот на креирање и статусот на верификација.
Биер и „Икс“ не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Биер во друга објава додаде дека сè уште има „неколку груби рабови“ околу оваа функција кои треба да бидат средени до вторникот.
„Ако било кој податок е неточен, тој периодично ќе се ажурира врз основа на најдобрите достапни информации. Овие ажурирања се вршат со одложен и случаен распоред заради заштита на приватноста,“ напиша тој.


