Дали освен здравствена, во Македонија на повидок e и нова политичка криза?
Во СДСМ сметаат дека седницата може да се свика со собрани 20 потписи од пратеници врз основа на член 67 од Деловникот за работа на парламентот, според кој спикерот може да го стори тоа по барање на претседателот, Владата и најмалку 20 пратеници.
Пратениците од СДСМ денеска почнаа иницијатива, со потписи на најмалку 20 пратеници, за свикување на распуштеното Собрание, а од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека тоа е „еднострано прекршување на политичкиот договор постигнат на последната лидерска средба“.
Според СДСМ, Собранието треба да се состане за да се потврдат двете одлуки за прогласување на вонредна состојба по 30 дена донесени од претседателот Стево Пендаровски на 18 март и на 16 април и има уставни можности за тоа, а според ВМРО-ДПМНЕ „станува збор за иницијатива на поранешни пратеници“, што значи дека за оваа партија нема уставна можност за свикување на распуштеното Собрание.
Од СДСМ најавија дека денеска ќе ја достават иницијативата до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој пак инсистира дека пратениците повеќе немаат мандат и нема што да продолжуваат затоа што „го вратија кај граѓаните“ во моментот кога се самораспуштија на 16 февруари и ги закажаа изборите што требаше да се одржат на 12 април. Спикерот сега вели дека ќе ја почека иницијативата од пратениците, па ќе донесе одлука, а претходно беше категоричен дека „нема да го прекршува Уставот и да свикува распуштено Собрание“.
Разногласието околу тоа дали може или не може да се свика самораспуштено Собрание, го надополнуваат и правните експерти, кои различно ги толкуваат уставните и законските одредби до кога трае мандатот на пратениците.
СДСМ: Собранието да ги потврди одлуките на претседателот
Од СДСМ велат дека ставот на нивната пратеничка група е дека во оваа ситуација Собранието треба да е во функција.
– Треба да направиме уште еден обид. Добро е да се свика Собранието имајќи го предвид времетраењето на оваа здравствена криза и за потврдување на одлуките на претседателот. Оваа иницијатива е единствено во таа функција. Ги отфрламе сите шпекулации што се појавија дека го свикуваме Собранието за да се изврши смена на претседателот Талат Џафери – изјави пратеникот Коста Костадинов за „Слободен печат“.
Тој додава дека прават консултации и со други пратенички групи со кои го делат мислењето.
Во СДСМ сметаат дека седницата може да се свика со собрани 20 потписи од пратеници врз основа на член 67 од Деловникот за работа на парламентот, според кој спикерот може да го стори тоа по барање на претседателот, Владата и најмалку 20 пратеници. Оттаму го посочуваат и член 63 став 4 од Уставот, според кој „мандатот на пратениците може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба“.
Од ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржуваат иницијативата на СДСМ и велат дека нивниот став е јасно соопштен на последната лидерска средба
– Каков било чекор што е надвор од договореното и прифатеното од политичките лидери на последната лидерска средба, ќе претставува еднострано прекршување на принципот за политички консензус. Очигледно станува збор за две работи, или Зоран Заев си влегува во приватни аранжмани и комбинаторики со пратеници, или пак, е преголема желбата да се лови во матно, односно во ек на најголемата здравствена и економска криза кога луѓето буквално ги губат своите животи, Заев носи лични еднострани решенија на штета на државата – изјавија од ВМРО-ДПМНЕ за МИА.
Правниците различно мерат и сечат
Правниците и уставните експерти во нивните досегашни настапи во јавноста не се согласуваат дали распуштените пратеници имаат мандат да се состанат на седница и да носат одлуки.
„Погрешно е толкувањето дека распуштеното Собрание може повторно да заседава и да одлучува за одредени прашања. Еднаш распуштено Собрание, значи и негово исчезнување од политичката сцена. Нема уставна основа за негово повторно оживување по одлуката за негово самораспуштање. Самиот термин самораспуштање на Собранието значи и негово престанување со работа. Преседанот за негово повторно оживување што е направен во 2016 година е неуставен. Како таков, не може да се користи како основа за создавање нови случаи и нивно претворање во обичајно право“, напиша, меѓу другото, во своја колумна професорот по Уставно право Светомир Шкариќ пред неколку месеци.
Според професорката по уставно право Гордана Силјановска-Давкова, уставните одредби за работа на Собранието во вонредна состојба важат само кога парламентот е во заседание.
„Сега станува збор за веќе самораспуштено Собрание, што правно, според уставните одредби, значи дека тоа не постои. Ниту правно ниту логично, не може да се продолжи нешто што не постои. Ниту со закон не може да се утврдува нешто што е уставна категорија, а пратеничкиот мандат е уставна категорија“, смета професорката Силјановска-Давкова.
Според уставниот експерт и професор Љубомир Фрчкоски, пак, лажна е правната дилема дека не може да се свика веќе распуштено Собрание.
„Пратениците се во мандат до изборот на други пратеници, а Собранието е во постојано заседание“, смета Фрчкоски.
И според професорот Денис Прешова, Собранието може да се собере, а пратениците имаат мандат.
„Во услови на вонредна состојба, претседателот има мандат да го свика Собранието, пратениците да гласаат, а вонредната состојба мора Собранието да констатира дека е завршена. Тврдењето дека Собранието не постои поради тоа што се самораспуштило, не само што е неодговорно, туку и опасно“, напиша неодамна Прешова.