Се собираат потписи за свикување на Собранието: ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се уште молчат

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Досега на иницијативата се потпишани пратеници од СДСМ, НСДП, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса, ДОМ. Нашите извори велат дека потребните 20 потписи се собрани и дека се оди на поширок политички опфат, но се уште е неизвесно дали ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе ја дадат својата поддршка. 

СДСМ денеска почна со собирање потписи за иницијативата со која ќе бараат собранискиот спикер Талат Џафери да го свика Собранието. Тие се повикуваат на членот 67 од собранискиот Деловник, според кој, „претседателот на Собранието може да свика седница и по барање на претседателот на Републиката, Владата и на најмалку 20 пратеници”.

– Ставот на пратеничката група на СДСМ е дека Собранието треба да биде во функција и за тоа се исполнети сите услови пропишани во Уставот. Затоа нашата цел е да направиме уште еден обид да биде свикана седница на која ќе бидат потврдени одлуките на Пендаровски, но да биде во функција и доколку во иднина има потреба повторно од прогласување вонредна состојба. Правиме консултации и со други пратенички групи со кои го делиме мислењето за работата на Собранието во вакви услови. Најдоцна до утре барањето за свикување седница ќе биде доставено до претседателот на Парламентот, изјави Јован Митроски, координатор на пратеничката група на СДСМ за МИА.

За тоа како би се одржала седницата, тој вели, дека би било согласно препораките на здравствените власти за држење дистанца односно електронски или во сали во Собранието каде што може да се обезбеди растојание од два метри меѓу пратениците, како Салата во Куполата на најгорниот кат во Парламентот.

Како што дознава Слободен печат, иницијативата ја поддржале пратеници од речиси сите парламентарни партии, со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Досега на иницијативата се потпишани пратеници од СДСМ, НСДП, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса, ДОМ. Нашите извори велат дека потребните 20 потписи се собрани и дека се оди на поширок политички опфат, но се уште е неизвесно дали ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе ја дадат својата поддршка.

Иницијативата да се свика парламентот доаѓа откако претседателот Стево Пендаровски минатата недела ја презеде одговорноста и, при уставни недоречености, донесе нова одлука со која се утврди вонредна ситуација во период од 30 дена. Оттука се наметна прашањето уште колку вакви одлуки може да донесе шефот на државата?

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во неколку наврати досега изјави дека не постои можност да го свика Собранието кое се самораспуштило.

„Пратениците не може да се вратат во Собранието, зашто го вратија мандатот. Не можат веќе да носат и одлуки во име на граѓаните. Јас сум се уште пратеник, но немам право да донесувам одлуки од име на граѓаните. Воедно сум и претседател на Парламентот, но во заминување и со ограничени надлежности. Го претставувам Собранието само административно, одлуки не носам, освен тековни, административни“, изјави неодамна Талат Џафери.

Извори од парламентарното мнозинство за Слободен печат велат дека Џафери би го свикал Собранието, ако за тоа има политички договор.

– Ако не дојде до такво нешто, очигледно е дека ќе мора да одиме на избори, бидејќи не можеме да ја држиме државата без Собрание, коментира нашиот извор.

Според член 63 став 4 од Уставот, „мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба“.

На ова укажа и Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје (ИДСЦС), еден ден пред шефот на државата да ја донесе втората Одлука за прогласување вонредна состојба. Според ИДСЦС, Собранието мора повторно да се состане за да констатира дали постојат услови за вонредна состојба, бидејќи таа одлука мора да ја донесе законодавното тело кое го претставува суверенитетот на граѓаните.

Вчера, пак, партијата Левица побара Уставниот суд да ја поништи како неуставна втората одлука на претседателот Стево Пендаровски за вонредна состојба во траење од 30 дена.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот