Вучиќ му го доделува највисокото државно признание на Орбан / Фото: EPA-EFE/DIMITRIJE GOLL / SERBIAN PRESIDENCY HANDOUT

Дали експлозивите кај „Балкански тек“ се српско-унгарски филм со Украина како негативец?

Директорот на Институтот за европски прашања во Србија, Наим Лео Бешири, вели дека безбедносните инциденти и политичките реакции честопати се користат како завеса за многу покрупни интереси, каде што политиката и капиталот се преплетуваат на начин што долгорочно ги обликува односите меѓу Србија и Унгарија.

Слушај ја веста

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера објави дека безбедносните сили откриле силен експлозив во општина Кањижа, во близина на гасната инфраструктура што ги поврзува Србија и Унгарија, односно кај трасата на „Турски тек“. Тој соопшти дека за инцидентот веќе разговарал со унгарскиот премиер Виктор Орбан и предупреди дека евентуална саботажа на гасоводот би можела сериозно да го наруши снабдувањето со гас во северна Србија и во Унгарија.

Вучиќ најави остра реакција против секој што би ја загрозил критичната инфраструктура, додека полицијата и војската во меѓувреме блокираа повеќе патишта и спроведоа теренска акција во поширокото подрачје.

Во исто време, унгарскиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто тврдеше дека „Турски тек“ во последните недели бил мета на многубројни украински дронски напади, вклучително и наводен обид за саботажа што, според него, бил спречен од српските власти. Орбан, пак, изјави дека лично ја проверил ситуацијата и дека унгарскиот дел од гасоводот сега е под засилена воена заштита.

Сепак, дел од воените и политичките аналитичари се сомневаат во официјалната верзија и предупредуваат дека зад целиот случај може да стои и поширока политичка заднина.

Вучиќ: Гасоводот Балкански тек е важна работа за Србија

На Орбан му се ближат избори

Воениот аналитичар Александар Радиќ вели за српскиот весник „Данас“ дека засега во јавноста нема многу детали за случајот. Според него, дополнителен проблем е што информациите доаѓаат од претставници на власта, кои и претходно повеќепати биле препознаени како манипулатори со јавното мислење. Радиќ потсети и дека на локалните избори партијата Сојуз на војводинските Унгарци (СВМ), која го претставува унгарското малцинство во Србија, ѝ помогнала на Српската напредна партија (СНС) на Вучиќ.

– Имаме многу примери кога се крева врева и се прави драма само за јавноста, а подоцна дознаваме дека тоа баш и не било така како што ни соопштиле претставниците на власта. Да се потсетиме на приказната дека дронови ги снимаат нашите касарни. Јасно е дека на Орбан му се ближат избори, а ние имавме локални избори каде што СВМ му помогна на СН. Сега можеби се враќа услугата. Дури и да постои безбедносен проблем, тој политички се злоупотребува уште пред да дознаеме дали навистина постои – вели Радиќ.

Според Радиќ, лесно може да се конструира приказна за „украинска трага“, иако српските институции одамна ја изгубиле веродостојноста во безбедносните теми.

Врие од српска полиција и војска во Кањижа: Вучиќ вели дека е пронајден експлозив со огромна разорна моќ кај гасоводот „Балкански тек“

 „Ова е веќе видено“

Директорот на Институтот за европски прашања во Србија, Наим Лео Бешири, вели за „Данас“ дека ова изгледа како „внимателно режирано српско-унгарско политичко театарче“, насочено пред сè кон гласачкото тело во Унгарија, каде што околу 20 отсто неопределени гласачи ќе ги решат изборите.

– Во време на криза, пораката е јасна: да нема бранувања, да се држиме до познатото и до стабилното. Виктор Орбан во таа рамка ќе игра на картата на своето 16-годишно искуство, со демонстрација на контрола преку ангажирање на полицијата, војската и на телата за национална безбедност, со цел во наредните седум дена целосно да го преземе медиумскиот простор. Така, дури и без формална победа, може да си обезбеди политички опстанок преку начинот на кој е поставен изборниот систем во Унгарија – оценува Бешири.

Паралелно со тоа, додава тој, во заднина се одвиваат сериозни економско-политички аранжмани што ја надминуваат дневната политика. Станува збор за ширење на деловната и на политичката мрежа блиска до Орбан во Србија, вели тој, вклучително и потенцијални договори околу банкарскиот сектор, но и чувствителни преговори како купување дел од српската нафтена компанија НИС.

Тоа укажува, додава Бешири, дека безбедносните инциденти и политичките реакции честопати се користат како завеса за многу покрупни интереси, каде што политиката и капиталот се преплетуваат на начин што долгорочно ги обликува односите меѓу двете држави.

– Секако, неопходно е надлежните органи да си ја завршат работата и да ги утврдат сите факти поврзани со инцидентот во Кањижа. Меѓутоа, образецот е веќе виден премногу пати за да биде случаен. Начинот на кој се пласираат безбедносните теми, се синхронизираат политичките пораки и се управува со медиумското внимание носи препознатлив потпис на служби како БИА (српската разузнавачка служба Безбедносно-информативна агенција, н. з.), што целото сценарио го прави речиси клише во регионалниот политички арсенал – заклучи тој.

Полски европратеник за „приказните“ за гасоводот: Не ни треба уште една руска база во ЕУ

Лажни атентати, дипфејкови и украински знамиња

„Политико“ неодамна објави дека руската Надворешна разузнавачка служба, СВР, разгледувала планови како да ги зголеми шансите на унгарскиот премиер на претстојните избори, откако анкетите покажувале дека победата овој пат ќе биде тешка. Наводно, руските разузнавачи, како начин да му го кренат рејтингот на Орбан, разгледувале и можност да инсценираат атентат врз него.

Многумина аналитичари посочуваат дека Орбан ја користи Украина како главна мета во изборната кампања, потпирајќи се на дезинформации, вештачки генерирани слики и пораки што го засилуваат стравот од војна. Според аналитичари, таквата реторика му помага да го сврти вниманието од домашните економски и социјални проблеми и можно е да е дополнително поттикната од руски влијанија.

– Постојано може да се забележи дезинформациска кампања за влијание врз унгарските избори, слично како што беше за време на изборите во Молдавија и во Романија – изјави за АФП поранешниот шеф на унгарската служба за сајбер одбрана, Ференц Фрес.

Орбан во кампањата се обидува да го претстави својот главен противкандидат Петер Маѓар како човек на Брисел и на Киев, тврдејќи дека гласачите избираат меѓу него и Зеленски. По еден негов митинг во Будимпешта, на опозициски собир се појави големо украинско знаме, а фотографиите бргу ги раширија провладини политичари и медиуми. Подоцна, пак, беше утврдено дека луѓе што го носеле знамето биле поврзани со подмладокот на Фидес.

Низ земјата во изминатата година се појавија и билборди, честопати платени со пари од унгарските даночни обврзници, што го прикажуваат Зеленски во негативно светло, вклучително и еден на кој Маѓар фрла пари во златен тоалет заедно со украинскиот лидер.
За потсетување, парламентарните избори во Унгарија ќе се одржат следниот викенд, на 12 април. Орбан претходно ги повика државјаните на Унгарија што живеат во Србија да го искористат своето право и да учествуваат на изборите, а партијата на Вучиќ, СНС и СВМ ги повикаа гласачите да гласаат за партијата на Орбан.

Од дипфејкови до „лажни украински знамиња“: Како Орбан ја претвора Украина во жртвено јагне за изборната кампања?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот