Од дипфејкови до „лажни украински знамиња“: Како Орбан ја претвора Украина во жртвено јагне за изборната кампања?
Аналитичарите тврдат дека Русија му помага на унгарскиот премиер Виктор Орбан да го пренасочи вниманието од секојдневните економски и социјални теми што ја искачија партијата на опозицискиот лидер Петер Маѓар на врвот на анкетите пред изборите во Унгарија на 12 април.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан користи дезинформации за да ја направи Украина жртвено јагне во својата изборна кампања, велат аналитичари, а некои од нив сугерираат дека тој добива тајна помош од Русија во услови на досега најсериозен предизвик за неговото 16-годишно владеење, се вели во анализа на АФП што ја пренесе „Јурактив“.
Препорачано
Националистичкиот премиер, најблискиот сојузник на Москва во Европската Унија, користел и слики создадени со вештачка интелигенција за да поттикне расположение против Украина, која се брани од руската инвазија.
Аналитичарите тврдат дека Русија му помага да го пренасочи вниманието од секојдневните економски и социјални теми што ја искачија партијата на опозицискиот лидер Петер Маѓар на врвот на анкетите пред изборите во Унгарија на 12 април.
— Реториката на кампањата е намерно бинарна, мир наспроти војна, при што Украина се прикажува како ризик, а актуелната унгарска влада како сила што бара стабилност и рационалност“, изјави за АФП Чила Фединец, историчарка од Центарот за општествени науки при Универзитетот ЕЛТЕ.
Двете соседни земји се во затегнати односи откако Орбан ја обвини Украина дека го попречува повторното отворање нафтовод што носи руска нафта до внатрешноконтиненталната Унгарија, додека Киев возврати дека цевководот бил оштетен во руски воздушни напади во јануари.
Унгарија, членка на Европската Унија, исто така го блокира заемот на ЕУ во вредност од 90 милијарди евра за Украина разурната од војната, како и нов пакет санкции против Русија поради инвазијата.
Руски дезинформации и дипфејкови
Минатиот месец, унгарските антитерористички сили привремено привеле украински банкарски службеници и заплениле вредни предмети што минувале низ земјата.
Таблоидите поврзани со партијата Фидес на Орбан објавиле фотографии создадени со вештачка интелигенција, со кои се претерувало во прикажувањето на количеството готовина и на злато.
Објавите со тие слики добиле невообичаено голем ангажман на Фејсбук, при што многу профили имале неунгарски имиња, немале јавни информации или профилни фотографии – типични знаци на лажни профили што се користат во координирани бот-кампањи.
Неколку недели претходно, на интернет почнале да кружат лажни слики кои наводно прикажувале унгарски споменик во Закарпатије – дом на украинското етничко унгарско малцинство – ишаран со антиунгарски и антиорбановски пораки, како и со украински националистички симболи и свастика.
Иако споменикот и претходно бил вандализиран неколкупати, било утврдено дека овие слики се направени со вештачка интелигенција.
Сепак, нивното објавување поттикнало дел од корисниците на социјалните мрежи да бараат одмазда.
Експертите тврдат дека постојат и докази за тековни руски обиди да се влијае врз унгарските гласачи во пресрет на изборите, вклучително и преку користење дипфејкови и дезинформации претставени како вистински новинарски извештаи.
— Постојано може да се забележи дезинформациска кампања за влијание врз унгарските избори, слично како што беше за време на изборите во Молдавија и Романија — изјави за АФП поранешниот шеф на унгарската служба за сајбер-одбрана, Ференц Фрес.
Пораките што ги пренесуваат руските групи се „претежно идентични со унгарската провладина пропаганда, па така меѓусебно се засилуваат“, рече Фрес, додавајќи дека недостигот од декласифицирана официјална комуникација за тоа прашање го смета за „проблематичен“.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и други функционери од владејачката партија, пак, тврдењата за руско мешање ги нарекоа „лажни вести“.
Сијарто го впери прстот кон Украина за експлозивите кај „Балкански тек“ во Србија
„Операција под лажно знаме“
Од своја страна, Орбан се обиде својот главен ривал Маѓар да го прикаже како „марионета“ на ЕУ и Украина.
— Треба да избереме кој ќе ја формира владата, јас или (украинскиот претседател Володимир) Зеленски — им рече Орбан на присутните на митинг во Будимпешта во средината на март.
Неколку часа подоцна, на опозициски марш беше развиено големо украинско знаме, а фотографиите од инцидентот брзо беа споделени од владини политичари и медиуми блиски до Фидес на социјалните мрежи.
Но, веќе следниот ден, луѓето што го држеле знамето биле идентификувани како луѓе поврзани со подмладокот на партијата на Орбан.
— Рековме дека ќе има операции под лажно знаме, но не мислевме токму на ова — се пошегува Маѓар на еден предизборен настан.
Опозицискиот лидер веќе бил мета на слични техники и минатата година, кога креатори на содржини блиски до Фидес објавиле слика манипулирана со вештачка интелигенција, со која изгледало како тој да држи украинско знаме.
Низ земјата во изминатата година се појавиле и билборди – честопати платени со пари од унгарските даночни обврзници – што го прикажуваат Зеленски во негативно светло, вклучително и еден на кој Маѓар фрла пари во златен тоалет заедно со украинскиот лидер.
Кампањата се храни од стравот на граѓаните
Сепак, иако владината кампања има невистинити, дури и „надреални“ елементи, таа е втемелена во широко распространетите стравови во јавноста дека Унгарија би можела да биде вовлечена во војната во Украина, вели политикологот Естер Ковач од Универзитетот во Виена.
Таа за АФП изјави дека изјавите на европските лидери за можно повторно воведување воена обврска, залагањето за повторно вооружување или опишувањето на ЕУ како страна во конфликтот дополнително ја потхраниле таа анксиозност.
— Фидес се обраќа на најдлабоката човечка потреба за егзистенцијална сигурност. Нивната порака е: кога светот се распаѓа, држете се до она што го имате, дури и ако има проблеми бидејќи промената е ризична — рече експертката.
Старото куче не сака да научи нови трикови: Кои се опциите на ЕУ ако Орбан победи на изборите?


