Виктор Орбан / Фото: EPA-EFE/OLIVIER MATTHYS

Старото куче не сака да научи нови трикови: Кои се опциите на ЕУ ако Орбан победи на изборите?

Унгарија излегува на избори на 12 април, а иако партијата Фидес на Орбан заостанува девет процентни поени зад партијата Тиса на Петер Маѓар, ЕУ се подготвува и за сценарио во кое Орбан победува.

ЕУ разговара за резервни планови во случај нејзиниот долгогодишен антагонист Виктор Орбан да освои уште еден мандат, анализира „Политико“.

Земјите од ЕУ разгледуваат неколку идеи за да го спречат унгарскиот премиер, а во некои случаи и кој било друг проблематичен лидер, да го попречува начинот на кој функционира блокот, изјавиле 10 дипломати од ЕУ за „Политико“. Меѓу идеите се: промена на начинот на гласање, дополнително задржување на средства, па дури и исфрлање од Унијата.

— Почитувањето на владеењето на правото е суштинско за пристап до фондовите на ЕУ — изјави за „Политико“ Мајкл Мекграт, европски комесар за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите, кога беше прашан дали земјите би можеле да бидат погодени со построги финансиски казни.

Унгарија излегува на избори на 12 април, а иако партијата Фидес на Орбан заостанува девет процентни поени зад партијата Тиса на Петер Маѓар, според просекот на анкети на „Политико“, ЕУ се подготвува и за сценарио во кое Орбан победува.

Орбан долго време е трн во окото на ЕУ, а неодамна блокираше заем за Украина што претходно го одобрил во декември. За многумина на врвот на ЕУ, тоа било преминување на црвената линија.

— Никој не може да го уценува Европскиот совет, никој не може да ги уценува европските институции. Тоа што го прави Унгарија е целосно неприфатливо — изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Потоа се појавија и обвинувања дека Будимпешта одржувала контакти со Москва во текот на војната во Украина, како и дека унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто за време на паузите на состаноците на ЕУ го информирал својот руски колега Сергеј Лавров.

Ако Орбан победи на изборите, „ќе се симнат ракавиците“, смета висок дипломат од ЕУ, кому му била гарантирана анонимност, како и на другите соговорници во текстот.

— Многумина мислат дека е премината црвена линија (со блокирањето на заемот за Украина) и дека нешто мора да се преземе, но не е јасно што — вели втор дипломат.

Да речеме дека ќе има обновени и засилени разговори за тоа како да се излезе на крај со Орбан, додава трет дипломат, што ќе поттикне поискрена дискусија за тоа како да се постапува со него и можеби покреативни начини.

Петер Маѓар: Која е тајната на успехот на противникот на Орбан?

Дали Орбан ќе се смени ако дојде пак на власт?

Ако Орбан навистина победи, мислењата се поделени околу тоа дали со нов мандат би го сменил однесувањето.

— Тој е доволно паметен, еден од најпаметните политичари во просторијата на Европскиот совет, за да знае каде се границите — посочува висок претставник на ЕУ.

Еден дипломат, пак, вели оти не мисли дека Орбан ќе се смени.

— Тој е тројански коњ. Целата суштина на ЕУ е довербата, темелот на Европа е заедничкото дејствување — тврди тој.

Еве кои опции се разгледуваат ако Орбан победи следниот месец:

1. Промена на начинот на гласање во ЕУ

Една од опциите е да се прошири употребата на квалификувано мнозинство, што обично бара 55 отсто од земјите членки, кои претставуваат 65 отсто од вкупното население на ЕУ, да гласаат „за“ — и на чувствителни области кои сега бараат едногласност, како што се надворешната политика или делови од долгорочниот буџет на ЕУ, односно Повеќегодишната финансиска рамка.

ЕУ и претходно морала да биде креативна кога станува збор за Унгарија. Во 2023 година, кога лидерите на ЕУ разговарале за отворање пристапни преговори со Украина, на што Будимпешта се противи, тогашниот германски канцелар Олаф Шолц му предложил на Орбан да ја напушти просторијата бидејќи според правилата на ЕУ, едногласност постои и ако еден лидер е отсутен.

Зошто би можело да успее? Тројца дипломати особено силно ја поддржале оваа опција, а еден од нив посочил дека расте подготвеноста да се разгледаат начини за поефикасно носење одлуки преку поголема употреба на квалификувано мнозинство.

— Тоа е нешто што и онака го туркаме, без оглед на овој многу конкретен случај (со Орбан): ако сакате да реагирате брзо, ви требаат повеќе одлуки донесени со квалификувано мнозинство — вели за „Политико“ еден од дипломатите.

Зошто можеби нема да успее? Напуштањето на едногласноста во повеќе области би било огромен чекор бидејќи заедничкото дејствување на сите земји на ЕУ е клучно начело на блокот.

Обидот да се придвижи украинската кандидатура за членство во ЕУ и покрај унгарското противење, изнесено минатиот септември, не доби доволна поддршка меѓу земјите членки. Сепак, двајца дипломати сметаат дека нов мандат на Орбан би можел да биде поттик за повторно отворање на таквите предлози.

Други, пак, остануваат скептични. Еден дипломат укажал на чувствителната рамнотежа во надворешните работи меѓу ефикасното одлучување и она што земјите членки сè уште го сметаат за суштински дел од националниот суверенитет.

Унгарија ја прекинува испораката на гас за Украина, порача Орбан

2. Европа со повеќе брзини

Опција што ја споменуваат четворица дипломати е поголема употреба на флексибилни формати, од неформални коалиции на подготвени, до засилена соработка меѓу помали групи земји.

Зошто би можело да успее? Форматот „коалиција на подготвени“ „веќе постои, до одреден степен, особено во безбедносниот контекст кога се вклучени Британците“, смета еден од дипломатите.

— Но, тоа не може да ја замени ЕУ-27 како форум за размена на информации — додава тој.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предложи поголема употреба на засилена соработка меѓу земјите што се подготвени да одат напред, за да се заобиколи едногласноста во области како конкурентноста.

— Нашата амбиција секогаш треба да биде да постигнеме договор меѓу сите 27 земји членки. Но, таму каде што недостигот од напредок или амбиција ризикува да ја поткопа конкурентноста на Европа или нејзиниот капацитет за дејствување, не треба да се двоумиме да ги користиме можностите предвидени во договорите преку засилена соработка — изјави таа во февруари.

Зошто можеби нема да успее? Иако Унгарија се има изземено од финансиските аранжмани поврзани со Украина, заедно со Чешка и со Словачка, таа и натаму ги блокира овие напори. Кај заемот за Украина, на пример, еден од законските акти што треба да се одобрат пред парите да можат да бидат исплатени бара согласност од сите земји членки.

— Во случаи на итна потреба, ова може да биде средство, но на крај сè пак се враќа на одлука на сите 27 — вели еден висок дипломат.

Други двајца дипломати се критични кон ваквите ограничени формати, оценувајќи дека тие треба да останат исклучок, а не да станат правило. Еден од нив вели дека прашањето треба да се разгледува од случај до случај, но дека ЕУ нема интерес Унгарија да биде оттурната од масата бидејќи Унијата мора да го зачува единството.

Будимпешта ја држи ЕУ во заложништво, Орбан повторно ги кочи санкциите кон Русија

3. Посилна примена на правилата и финансиски притисок

Друга можност е ЕУ да оди со поостар финансиски притисок, односно со задржување на европски средства.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја отвори дилемата дали блокадата на Орбан за заемот за Украина претставува прекршување на член 4(3) од договорите на ЕУ, кој ги обврзува членките на „искрена соработка“. Еден дипломат потсетува дека Кошта испратил писмо на таа тема, но потоа не оттуркал понатаму, делумно и поради чувствителноста околу изборната кампања.

Од Европската комисија, пак, порачаа дека и оваа правна основа е можна. Ако се утврди прекршување, случајот би можел да заврши со постапка пред Судот на ЕУ и со финансиски казни.

Оваа опција би можела да добие тежина бидејќи во предлогот за следната Повеќегодишна финансиска рамка веќе се вградува посилна „условеност“ — механизам со кој ЕУ може да ограничи или замрзне средства ако некоја земја ги нарушува стандардите за владеење на правото. Еврокомесарот Мајкл Мекграт изјави дека тоа значи оти суспензија на исплати или блокирање на пари би можеле реално да се користат.

Но, и тука има сериозни пречки. Советник на највисокиот суд на ЕУ неодамна предложил да се поништи одлуката од 2023 година со која на Унгарија ѝ беа одмрзнати 10,2 милијарди евра од кохезиските фондови. И Европскиот парламент го оспорува тој потег, со сомнеж дека станувало збор за политичка противуслуга. Тоа покажува колку е правно и политички чувствителна играта со европските фондови.

Еден дипломат оцени дека условеноста досега давала резултати, но дека мора јасно да се покаже врска меѓу санкцијата и злоупотребата на европски пари, а не само политички спор.

Во меѓувреме, Будимпешта веќе сигнализира дека би ставила вето на секоја построга условеност поврзана со фондовите и владеењето на правото, па дури и би го блокирала целиот буџет. Унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока порача дека, ако постои реална опасност земјата воопшто да остане без пристап до европски фондови, тогаш Унгарија нема причина да поддржи таква буџетска рамка.

Унгарскиот шеф на дипломатијата со години ѝ давал на Русија доверливи информации од состаноците на ЕУ, објави „Вашингтон пост“

4. Суспендирање на правото на глас

Една од опциите, што повторно се споменува е активирање на член 7, постапка што може да доведе до одземање на правото на глас на земја членка ако ги прекршува основните вредности на ЕУ.

Поддржувачите на оваа линија велат дека и самото туркање на постапката создава притисок. Поранешниот литвански министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис смета дека само отворањето на темата веќе ја става Унгарија под нервоза.

Но, проблемот е што за ваков чекор е потребна согласност од сите останати членки, а според дипломатите, Словачка нема да даде зелено светло. Затоа, иако постои како правен механизам, член 7 во пракса останува речиси невозможно оружје.

5. Исклучување од ЕУ

Најрадикалната, но и најмалку реална опција е исклучување на Унгарија од ЕУ.

Еден дипломат посочува дека во правни кругови повторно кружат идеи за тоа дали член 50 — истиот механизам што Британија го искористи за Брегзит — би можел некако да се пренамени, или дали би можело да се најде некакво друго правно решение за оттурнување на Унгарија од блокот.

Сепак, и самите соговорници признаваат дека тоа е повеќе теоретска дебата отколку реална политика. Исклучување не е предвидено во договорите на ЕУ, а дел од дипломатите предупредуваат и дека таков чекор би можел дополнително да ја турне Унгарија кон руско влијание.

Унгарија може да остане без дел од парите од следниот буџет на ЕУ, предупредува Мерц

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот