Унгарија ја прекинува испораката на гас за Украина, порача Орбан
Унгарија најави дека ќе го запре преносот на гас кон Украина сè додека не биде обновена работата на нафтоводот „Дружба“, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан во објава на „Фејсбук“.
Препорачано
„Постепено ги запираме испораките на гас од Унгарија кон Украина и ќе го складираме гасот што останува кај нас во Унгарија“, наведе Орбан.
Испораките на нафта преку „Дружба“ беа прекинати во јануари, што предизвика спор со Унгарија и доведе до блокада на заемот од Европската Унија за Киев.
ЕУ претходно овој месец предложи да испрати своја мисија за инспекција на нафтоводот. Украина подоцна соопшти дека го прифатила предлогот на Брисел за техничка помош и финансирање за обновување на испораките преку оштетената траса.
Инаку, Унгарија и Словачка не добиваат руска нафта преку „Дружба“ од крајот на јануари, кога Киев соопшти дека нафтоводот бил погоден при руски напад во Западна Украина и дека ќе биде потребно време за негова санација.
Унгарија испрати своја мисија во Украина за утврдување на фактите околу прекинот на испораките преку нафтоводот, но Киев не соопшти до какви резултати доведе нејзината работа. Во меѓувреме Унгарија и Словачка, кои се единствените земји од ЕУ што сè уште увезуваат руска нафта, ја обвинуваат Украина дека од политички причини намерно го одложува обновувањето на испораките.


