Сијарто го впери прстот кон Украина за експлозивите кај „Балкански тек“ во Србија
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто вчера изјави дека во последните недели десетици дронови го нападнале гасоводот „Турски тек“, преку кој се снабдува Унгарија, и додаде дека во таа серија напади имало и обид за напад и саботажа што бил спречен од српските власти, пренесе „Вјести“.
Препорачано
— Во последните недели, десетици дронови го нападнаа гасоводот „Туркстрим“, кој ја снабдува Унгарија, во Русија. Во оваа серија напади спаѓа и обид за напад и саботажа што беше спречен од Србите — рече Сијарто во видео на „Фејсбук“ по состанокот на Советот за одбрана што го свика премиерот Виктор Орбан.
Сијарто додаде дека за време на состанокот на Советот за одбрана, унгарскиот премиер „наредил унгарскиот дел од гасоводот ‘Турски тек’ да биде ставен под воена заштита“.
Според него, Русија, Турција и Србија се договориле да ја засилат физичката заштита на гасоводот.
Сијарто го опиша ова како „обид за терористички напад“, за кој рече дека е „дел од серија активности насочени кон спречување на испораката на руска нафта и гас во Европа“ и дека претставува сериозен напад врз суверенитетот на неговата земја.
Српските власти вчера објавија дека пронашле експлозивни направи во близина на гасната инфраструктура што ги поврзува Србија и Унгарија.
„Турски тек“ е гасоводен систем за транспорт на природен гас од Русија до Турција преку Црното Море, а потоа и кон делови од југоисточна и централна Европа. Во поширока смисла, така честопати се означува целиот коридор по кој рускиот гас стигнува и до Унгарија, иако делницата што минува низ Бугарија и Србија во јавноста честопати се нарекува и „Балкански тек“.
Системот беше пуштен во работа на почетокот на 2020 година и оттогаш стана еден од важните правци за испорака на руски природен гас во регионот, вклучително и за земји како Унгарија.
Со неговото активирање, дел од снабдувањето беше пренасочено од постарите транзитни маршрути, па затоа денес честопати се споменува и во поширок енергетски и геополитички контекст.


