Вучиќ: Гасоводот Балкански тек е важна работа за Србија

Александар Вучиќ /Фото: EPA

Српскиот претседател Александар Вучиќ за време на посетата на градилиштето на компресорската станица Велика Плана во рамките на изградбата на гасоводот Балкански ток оцени дека овој проект е „голема работа за Србија“, но нагласи дека не може да каже дали цената на гасот би била пониска, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ кажа дека е горд што наскоро ќе биде отворена „прекрасна компресорска станица”, без која, вклучувајќи 36 објекти во неа, „нема да можеме да имаме избалансиран притисок на гасот и нема да можеме да го доведеме гасот до границата со Унгарија “.

Вучиќ посочи дека гасоводот долг 402 километри низ Србија е изграден за краток временски период, со „минимално задоцнување од еден месец или два, имајќи ја предвид короната”.

Тој кажа дека клучните работи за следните 20 години ќе бидат „енергетската сигурност на секоја земја, храната и средувањето на јавните финансии”.

Вучиќ оцени дека досега сè се засновало на цврсти фосилни горива и дека „ Србија мора да обезбеди иднина”, наведувајќи дека „има убедливо најевтина електрична енергија во Европа”.

На обиколката на работите присуствуваа генералниот директор на Србијагас, Душан Бајатовиќ, директорот на Гастранс, Игор Јолкин и амбасадорот на Русија, Александар Бокан Харченко.

Бајатовиќ изјави дека во планот е од таму дополнително да се гасифицира источна Србија, а кога станува збор за гасификација на потегот од Лесковац до Врање, Бајатовиќ кажа дека подготовките се во тек и дека во октомври треба да започнат со работа на тој дел.

На почетокот на месецот, Србијагас и унгарската компанија за гас ФГСЗ ги поврзаа цевките на Балканскиот тек, со што беше комплетирана целата гасна траса на Балкански тек.

Според планот, првите количини на транзит на рускиот гас преку Србија кон Централна Европа треба да се случат на 1 октомври.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот