Уставен суд на Бугарија / фото: Google Maps / Deniz Mustafa

Бугарскиот уставен суд го поништи изборот на 16 пратеници

Бугарскиот Уставен суд го прогласи за незаконски изборот на 16 пратеници во Парламентот, што отвора нов простор за усложнување на политичката ситуација во земјата и владина криза, јавуваат бугарските медиуми.

Со одлуката, за незаконски е прогласен изборот на Павлин Јотов, Александар Ненков, Теменужка Петкова и Никола Џамбазов (ГЕРБ-СДС), при што Џамбазов беше избран на местото на Петкова за времето додека тој извршува министерска функција.

Судот го прогласи за незаконски и изборот на Ивајло Митковски од „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), Ешереф Ешереф од коалицијата „Алијанса за права и слободи“, како и на Виктор Папазов и Светослав Тодоров од партијата „Преродба“. Со истата одлука, незаконски е прогласен и изборот на тројца пратеници од партијата МЕЧ – Дејан Петков, Росен Иванов и Борислав Петков. Според судот, тројца незаконски избрани пратеници има и во ИТН – Емил Трифонов, Иван Кјучуков и Александар Марков. Изборот на Станислав Анастасов и Метин Качан од коалицијата „ДПС – Нов почеток“ исто така е прогласен за незаконски, како и на Андреј Вълчев од „БСП-Обединета левица“.

По новото пресметување на резултатите, Судот утврди дека изборниот праг од четири проценти од важечките гласови (без гласовите „не поддржувам никого“) изнесува 97.390,44 гласа. Според пресметките, партијата „Величина“ добила 97.497 гласа, што претставува зголемување од 59 гласа во нивна корист. Зголемување од 31 глас има и за ИТН.

По проверката, „Преродба“ има 325.358 гласа, што претставува намалување од 108 гласа. „Алијанса за права и слободи“ го зголеми резултатот за еден глас, а МЕЧ за 28 гласа. Коалицијата ГЕРБ-СДС загуби 452 гласа, додека ПП-ДБ доби дополнителни 11 гласа. „БСП-Обединета левица“ има намалување од 42 гласа.

Уставниот суд ги одби барањата за целосно поништување на изборите, како и барањето на 58 пратеници од претходниот состав на парламентот за поништување на изборите во Плевенскиот изборен округ и во 25-тиот изборен округ во Софија.

Судот и нареди на Централната изборна комисија (ЦИК) да го допрецизира распределувањето на мандатите и да ги објави имињата на избраните пратеници.

Во ноември минатата година, Уставниот суд одлучи да разгледа пет барања поврзани со законитоста на парламентарните избори од 27 октомври. Судот ги обедини овие пет предмети и нареди експертиза, која преку пребројување на гласовите во 1.777 избирачки места требаше да утврди дали резултатите се соодветни на официјалните изборни записници.

Првата жалба за резултатите беше поднесена од ИТН на 8 ноември, а истиот ден партијата „Величина“ поднесе барање за целосно или делумно поништување на изборите. До 14 ноември беа поднесени уште три жалби, меѓу кои и од „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“, кои бараа повторно пребројување на гласовите поради наводни нерегуларности во повеќе од 3.000 избирачки места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот