Болките во мускулите лекувајте ги со редовно јадење вишни

Во овој период од годината, речиси и да нема дворче во кое нема барем едно дрвце преполно со црвени вишни. Ова исклучително здраво овошје, не бара посебни услови за одгледување, па поради тоа многу ретко се третира хемиски. Токму затоа е препорачливо да го јадат сите возрасни групи.

Овој плод се јаде свеж, како додаток во одредени свежи салати (поради неговиот киселкаст вкус), но и како мармалад, сок или компот.

Се користи во подготовката на народни лекови

Поради својствата што ги поседуваат, вишните важат за едни од најлековитите овошки што ни ги дала природата. А дека малите црвени зрнца изобилуваат со многубројни витамини и минерали во својот состав, знаеле луѓето уште од многу одамна, па ги користеле за подготовка на огромен број народни лекови, со кои го подобрувале или дејствувале превентивно на своето здравје во времето кога медицината не била толку напредна.

Во првите народни рецепти што биле откриени и тоа речиси пред две илјади години, како една од состојките од кои биле подготвувани е токму вишната. Оваа овошка најпрвин почнала да се одгледува во Турција и во Грција.

Голем процент на вода

Малите црвени плодови на вишната во својот состав содржат огромен процент на вода односно од 80 до 85 отсто од целата нејзина содржина. Освен вода, секоја вишна во својот состав содржи органска киселина, која ѝ го дава карактеристичниот киселкаст вкус, танин, пектин, минерални материи, витамините Ц, Б1, Б2 и каротен.

Најновите медицински истражувања покажале дека плодовите на вишните во својот состав содржат и поголеми количества антиоксиданти. Благодарение на тоа, вишните можат да се јадат како превентива против појавата на рак, срцеви заболувања и артритис. Во народната медицина вишната се користи за лекување различни болки во мускулите, грчеви и сл.

Напиток за намалување на болките во мускулите

За спречување на болка во мускулите, особено на екстремитетите, за нивно регенерирање, но и за нивно одржување, луѓето долги години го користат овој лек. Доколку сакате да го направите и вие, ви требаат следните состојки:

1 кг зрели вишни

7-8 литри дестилирана вода

Подготовка:

За да го направите овој неверојатен лек, вишните ставете ги во еден подлабок сад и врз нив истурете го потребното количество дестилирана вода. Потоа, сето тоа е потребно убаво да се загрее. Мешавината од вишни и вода треба да се остави да врие околу 20 минути и повремено да се промешува. По завршувањето на потребното време, врелата смеса се процедува низ чиста газа. Водата што испарила при варењето, можете да ја надополните со ново количество дестилирана вода.
Вака добиениот напиток, без да му додавате шеќер, препорачливо е да го пиете подолг период наместо вода.

Даваат енергија

Вишните во својот состав содржат растителен пигмент, кој претставува моќен антиоксидант и кој помага во спречување на појавата на срцевите заболувања и ја спречува појавата на тумори. Ова овошје во својот состав изобилува и со јаглени хидрати и гликоза, а претставува и вистинска ризница на калиум.

Покрај тоа, поради фактот што во вишната се наоѓаат и винската, јаболчната и лимонската киселина, таа во голема мера може да ви го освежи организмот и да ви даде енергија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот