Бизнисмените задоволни, но бараат повеќе од 100 евра субвенции

фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Комората од северо-западна Македонија е задоволна од текстот на предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување, иако за време на преговорите оттаму побарале сумата да биде поголема од сега предвидената.

Имено, Владата вчера го утврди текстот на предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, со кој ќе се овозможи уплата на придонеси од Буџетот во име и на сметка на работниците кај работодавачите од приватниот сектор.

„Слободен печат“ стапи во контакт со некои од институциите кои се тесно поврзани и побара став од нив во врска со овој предлог.

фото: Слободен печат

– Во делот на предлогот на Владата за субвенционирање на придонесите со исклучок на персоналниот данок, ние како Комора бевме вклучени во разговорите, па затоа начелно имаме позитивен став за овој предлог. Сепак, нашите барања како Комора беа дека износот е мал, но секако треба да се види како тоа ќе се искористи од страна на компаниите во иднина, и сметаме дека моментот е погоден и дека ова е добар почеток за во иднина – вели Извршниот директор на Стопанската комора на северо-западна Македонија, Дриљон Исени.

На прашањето дали во минатото имало интерес за некој ваков или сличен предлог од страна на членовите во нивната Комора тој изјави:

– Реално, за волја на вистината, ние ова прашање го инициравме на годишниот доручек со премиерот, каде побаравме да се субвенционира нешто слично од страна на Владата. Факт е дека сега со миграцијата работодавачите се во потрага по кадар за работа и бараат начини како да ги задржат вработените кои ги имаат, па сметаме дека покачувањето на платите е неминовен факт. Поради тоа, сметаме дека ова што се предлага од државата е едно мало олеснување за предлогот да се реализира, но реалниот „фитбек“ ќе го очекуваме на крајот на овој месец, со цел да видиме како сето тоа ќе функционира.

Со овој предлог од Владата очекуваат да им излезат во пресрет на работодавачите, така што ќе ги ослободат од трошоците кои ги имаат за секој вработен, а притоа тие пари да бидат пренасочени за зголемување на платите на работниците.

Во вчрашното владино соопштението беше речено дека целта на Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување е поттикнување на работодавачите да исплаќаат плата која е повисока до 100 евра, заради подобрување на економскиот стандард на вработените и поттикнување на економскиот раст и развој во нашата земја.

Оттаму исто така додадоа дека осигурениците непречено ќе ги остваруваат правата од социјално осигурување, а работодавачите немаат обврска да плаќаат придонеси за социјално осигурување за износот на зголемена плата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот