„Бев на работ, не ми се живееше“: Ксенија Николова искрено за менталното здравје
За моментите кога не ѝ се живеело и за проблемите со менталното здравје, се отвори писателката Ксенија Николова.
Препорачано
Николова раскажа исклучително емотивна, искрена и инспиративна приказна за својата лична борба со депресијата и менталното здравје. Таа во поткастот „Урок“ зборуваше за најтемните моменти низ кои поминала, но и за патот кон исцелувањето.
„Јас живеам втор живот во споредба со тоа каде сум била во дваесеттите и каде сум сега, во поглед на менталното здравје. Така што јас сум си доказ сама на себе дека да, можеш да бидеш ментално здрав, да закрепиш и по своето дно. Значи, јас сум го допрела своето дно кога станува збор за менталното здравје“, рече Николова.
Запрашана што всушност означува „допирањето на дното“, таа одговори:
„Допирање на дно е моментот кога повеќе едноставно не ти се живее. Не само што не ти се живее, туку мислиш и дека има смисла да не ти се живее“, рече писателката.
На прашањето од водителот дали постоела фаза кога сакала да посегне по својот живот, бидејќи во тој момент не гледала излез, Николова признава дека била на самиот раб:
„Јас танцував на тој раб доволно долго за да се исплашам, но и доволно кратко за да не ја преминам таа граница за која ме прашуваш сега, да не дојде до таа веќе конкретна помисла. Иако бев многу блиску до тоа. Не ти се живее, едноставно не наоѓаш смисла во апсолутно ништо. Празнотија од секој аспект на тој збор. Многу, многу страшно.“
Писателката открива дека станувало збор за клиничка депресија, но и дека нејзиниот спас бил во отвореноста да побара стручна помош и да работи на себе.
„Кај мене беше депресија што ми ја дијагностицираа, а која ја сфатив многу сериозно. Преблагодарна сум што побарав помош, преблагодарна сум што бев отворена да соработувам. Да бараш помош е едно, да соработуваш е друго. Бев отворена за напредок и се поврзав со луѓе кои можеа да ми помогнат по патот, професионалци кои ми помогнаа да станам подобра“, рече Николова.
Гледајќи од денешна перспектива, таа не го крие своето восхитување од сопствениот напредок: „Кога ќе се погледнам сега каде сум, просто ми е неверојатно… Немам што друго да кажам во овој живот освен благодарам.“
Ксенија отворено проговори и за падовите и борбата на патот кон остварувањето како мајка.
Во разговорот во поткастот „Мама, не си сама“, таа направи разлика меѓу самата желба за родителство и тежината на самиот процес, кој често знае да биде исцрпувачки.
На прашањето дали имало моменти кога помислила да се откаже од желбата да се реализира како мајка, Ксенија рече дека такво нешто не се случило.
„Од желбата секако дека не. Од желбата не може да ти се… нели, желбата е една константа. Од процесот, апсолутно. Особено тој процес што го искусуваш кога го доживуваш за првпат. Тогаш е навистина еден голем, голем залак за кој не си ни свесен дека ќе бидеш подготвен да го голтнеш, нели, баш така“, откри Ксенија Николова.


