„Апелирам да не се случуваат диви градби“, вели Мицкоски за Попова Шапка
Тој е сигурно петтиот или шестиот премиер што зборува дека Попова Шапка има потенцијал и ветува големи инвестиции
Премиерот Христијан Мицкоски денеска за ТВ „21“ изјави дека Владата „работи на создавање услови за сериозна инвестиција на Попова Шапка“ и изрази став дека овој ски-центар има потенцијал да стане еден од најдобрите туристички центри во овој дел од Европа.
Препорачано
„Станува збор за многу сериозни инвеститори. Работите не секогаш се случуваат толку брзо колку што би сакале, но оптимист сум дека ќе успееме во крајната цел – Попова Шапка да биде најубавиот туристички центар во овој дел од Европа“, изјави Мицкоски за телевизијата.
Тој посочи дека локацијата има значајни предности, меѓу кои и близината до меѓународен аеродром, од каде што за околу 45 минути туристите можат да бидат на ски-стазите. Дополнително, неколку месеци во годината има природен снег, иако, како што рече, „временските услови се фактор врз кој државата нема директно влијание“.
„Потенцијалот е огромен, но потребен е јасен и прецизен план пред да се влезе во финален договор“, рече Мицкоски, кој сигурно е петти или шести премиер кој го зборува и ветува истото.
Мицкоски потврди дека се разгледува и опција за нова жичарница од Тетово до Шапка, која не би ја следела трасата на старата жичарница, која е руинирана повеќе од 25 години.
„Се разгледува нова локација, но за деталите ќе зборуваме кога ќе дојде време“, изјави тој.
Прашан за контролата и зачувувањето на просторот на Попова Шапка, каде се изградени бројни дивоградби, премиерот рече дека се разговара и за тие прашања и упати јасен апел против дивоградбите.
„Апелирам да не се случуваат диви градби, затоа што државата има механизми да го спречи тоа“, порача Мицкоски.
Нуредини: Имаме понуда од инвеститор за ски-центарот Попова Шапка, ќе вложи над 50 милиони евра


