Амусан постави светски рекорд и освои злато на 100 метри со пречки

Тоби Амусан доби и парична награда од 100.000 долари/Фото: EPA-EFE/John G. Mabanglo

Нигериската атлетичарка Тоби Амусан го освои златниот медал во трката на 100 метри со пречки на Светското првенство во Јуџин, САД.

Час и половина откако постави нов светски рекорд од 12,12 секунди во полуфиналето, Амусан истрча уште побрзо во финалето, минувајќи ја целта за 12,06 секунди. Но, ветерот што ѝ дувал во грб бил посилен од дозволените 2,5 метри во секунда, така што времето не било признаено како нов светски рекорд.

Оваа 25-годишна Нигеријка во полуфиналето го собори актуелниот светски рекорд од 12,20 секунди, кој од 2016 година го држеше Американката Кендра Харисон. Сребрениот медал го освои Британи Андерсон со резултат 12,23 секунди, додека бронзата со идентично време ѝ припадна на Јасмин Камачо-Квин од Порторико.

Во останатите дисциплини, Американката Атинг Му го освои златото на 800 метри со време од 1:56,30 минути, потоа Норвежанецот Јакоб Ингебригтсен по среброто на 1.500 метри славеше на 5.000 метри откако целта ја помина за 13:09.24 минути.

Французинот Кевин Мајер по вторпат во кариерата беше крунисан како светски шампион во десетбој, беше најдобар со 8,816 поени, а СП во Јуџин заврши со штафетните трки на 4×400 метри.

Во машка конкуренција триумфираше штафетата на САД (2:56.17 минути), пред Јамајка (2:58.58) и Белгија (2:58.72). А кај жените првопласирана беше штафетата на САД (3:17,79), втора Јамајка (3:20,74), додека бронзата ја освои Велика Британија (3:22,64).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот