Агент на ИЦЕ ја користи апликацијата за биометриско препознавање - Фото: ЕПА

Агентите на ИЦЕ во Минесота добиле насоки да се држат настрана од „агитатори“

Агентите на Американска служба за имиграција и царина (ИЦЕ) во Минесота добиле насоки во средата да избегнуваат комуникација и ангажирање со „агитатори“ додека ја спроведуваат имиграциската офанзива на претседателот Доналд Трамп, според внатрешни упатства до кои дојде „Ројтерс“.

Новите насоки, кои досега нудат најдетален увид во тоа како ќе се променат операциите по двете смртоносни престрелки во кои беа убиени американски државјани за време на протести во Минеаполис, исто така, им наложуваат на имиграциските агенти да таргетираат исклучиво имигранти кои имаат кривични обвиненија или пресуди.

Тоа би значело отстапување од широките рации кои предизвикаа силни реакции и правни предизвици во Минеаполис и други американски градови.

„Не комуницирајте и не се вклучувајте со агитатори. Тоа не служи за ништо друго освен за влошување на ситуацијата. Никој нема да го убеди другиот. Единствената комуникација треба да биде издавање наредби од страна на службениците,“ стои во електронска порака испратена од висок функционер на ИЦЕ.

Во одговор на барањето за коментар од Белата куќа, еден функционер од администрацијата изјави: „Во тек се разговори за тоа како најефикасно да се спроведуваат операциите во Минесота. Ниедна насока не треба да се смета за конечна сè додека официјално не биде издадена“.

Оперативната промена доаѓа откако Трамп оваа недела изјави дека има намера „да ја деескалира тензијата во Минеаполис и Сент Пол“, откако федерални имиграциски агенти овој месец убија двајца американски државјани. Во двата случаи, функционери од администрацијата на Трамп бргу ги претставија загинатите како агресори — тврдење што беше доведено во прашање од видеоснимки.

ИЦЕ воведува електронски скенер за препознавање лица, причина плус за нов отпор на улиците

Агентите мора вербално да го опишат секој чекор од апсењето

Трамп му ја довери контролата врз операциите во Минесота на таканаречениот „граничен цар“, Том Хоман, што, според висок функционер кој говори за „Ројтерс“, ќе значи премин кон „потаргетиран пристап во спроведувањето на законот“. Командантот на Граничната патрола со посебен статус, Грегори Бовино — кој ги водеше конфронтирачките рации во Лос Анџелес, Чикаго и во други градови — беше деградиран и наскоро ќе се пензионира.

Според новите насоки наведени во електронската порака, агентите на ИЦЕ ќе добијат мегафони за да можат да им издаваат наредби на граѓаните и „мора вербално да го соопштат секој чекор од процесот на апсење“.

Насоките не прецизираат какви дејствија би довеле до издавање наредби, ниту, пак, што треба да направат службениците ако тие наредби не бидат почитувани.

„Таргетирани“ апсења, во фокус се нелегални имигранти со криминална историја

Ажурираните насоки доаѓаат од највисокиот функционер во Одделот за спроведување и депортации на ИЦЕ, Маркос Чарлс, се наведува во пораката. Во неа стои дека службениците смеат да таргетираат само „имиграциски прекршители кои имаат претходна криминална историја“.

„Се префрламе на таргетирано спроведување против странци со криминална историја. Ова вклучува апсења, а не само пресуди. Сите цели мора да имаат криминална поврзаност,“ пишува во пораката.

За време на поранешниот претседател Џо Бајден, службениците на ИЦЕ беа обврзани да се фокусираат на тешки криминалци, но администрацијата на Трамп ја укина таа политика, овозможувајќи апсење и на луѓе без криминално досие, без ограничувања.

Според насоките, агентите на ИЦЕ можат да вршат проверки на регистарски таблички за можни цели и треба да извршат апсење ако регистрираниот сопственик на возилото е имигрант со криминална историја.

ИЦЕ ќе ја води операцијата во Минесота, а Граничната патрола ќе има улога на поддршка — пресврт по повеќемесечните судири на улиците предводени од Бовино.

Во насоките се наведува и дека ИЦЕ добива сè поголема соработка од државните и од локалните власти во Минесота, како и дека агенцијата може да има повеќе можности да приведува имигранти кои се пуштени на условна слобода или на пробација.

ВИДЕО | Федералните агенти убија човек на улица во Минеаполис – второ фатално пукање месецов

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот