Агент на ИЦЕ ја користи апликацијата за биометриско препознавање - Фото: ЕПА

ИЦЕ воведува електронски скенер за препознавање лица, причина плус за нов отпор на улиците

Агентите на американската Служба за имиграција и царина ИЦЕ (ICE) низ целата земја сè повеќе се потпираат на нова апликација за паметни телефони што користи технологија за препознавање лица за да ги идентификува граѓаните и имигрантите.

Апликацијата, наречена „Мобиле фортифај“, им овозможува на агентите на ИЦЕ да го скенираат лицето со камерата на нивниот телефон и да извлечат информации од голем број федерални и државни бази на податоци, вклучувајќи ги и оние за кои судовите оцениле дека се недоволно сигурни за издавање налози за апсење. Нејзината употреба предизвика силни реакции од активисти, правни експерти и политичари, објавува Гардијан.

Масовна употреба и загриженост за приватноста

Според тужбата поднесена овој месец од Илиноис и Чикаго против федералната влада, Министерството за внатрешна безбедност на САД ДХС (DHS) го користело „Мобиле фортифај“ за скенирање лица и отпечатоци од прсти на терен повеќе од 100.000 пати. Правните експерти велат дека тоа е драматична промена во употребата на технологијата.

Апликацијата првпат беше објавена од 404 Медиа минатото лето преку протечени е-пораки, а во октомври објави внатрешни документи на ДХС во кои се вели дека луѓето не можат да одбијат да бидат скенирани.

„ИЦЕ ја користи оваа технологија во токму оние околности што водат до највисоки стапки на погрешна идентификација“, рече Натан Фрид Веслер од Американската унија за граѓански слободи АЦЛУ.

Погрешното препознавање може да сврти нечиј живот наопаку, додава тој. Веслер, исто така, предупредува на пошироки последици за демократијата.

„ИЦЕ всушност се обидува да создаде општество со биометриски контролни точки – наведува Веслер.

Отпор на улиците, во судовите и во Конгресот

Употребата на апликацијата предизвика отпор на многу нивоа. Демонстрантите возвраќаат со различни тактики, објави Вашингтон пост.

Во срцето на отпорот е сомнежот во веродостојноста на самата технологија. Истражувањата покажаа повисоки стапки на грешки при идентификување на жени и луѓе со потемна кожа во споредба со белците. Бидејќи агентите на ИЦЕ често ја користат технологијата во напнати и динамични ситуации, со лошо осветлување и луѓе што се свртуваат од камерата, веројатноста за погрешна идентификација дополнително се зголемува.

Тужбата на Илиноис против ДХС тврди дека апликацијата оди многу подалеку од овластувањето што Конгресот ѝ го дал за собирање биометриски податоци. Во тужбата се наведуваат и неколку случаи во кои федералните агенти наводно фотографирале или скенирале американски граѓани низ Илиноис без нивна согласност.

Министерството ги негира обвинувањата

Министерството за внатрешна безбедност на САД соопшти дека „Мобиле фортифај“ не ги крши уставните права ниту ја нарушува приватноста.

„Апликацијата работи со намерно висок праг на совпаѓање и пребарува само ограничени бази на податоци за имиграција на Царинската и граничната заштита. Не пристапува до јавно достапни извори, не пребарува социјални мрежи ниту се потпира на јавно достапни податоци“, рече портпаролот.

Според 404 Медиа, базата на податоци на апликацијата содржи околу 200 милиони слики.

Ризик од апсење на невини

Набљудувачи, експерти и барем еден член на Конгресот изјавија дека федералните агенти за имиграција честопати не бараат согласност за скенирање на лицето и може да ги игнорираат другите документи што се спротивставуваат на податоците од апликацијата. Документирано е дека ИЦЕ користи биометрија како конечна потврда за државјанството на лицето во отсуство на документи за идентификација.

Ова значи дека ICE не е должен да спроведува дополнителни проверки за да се избегне погрешна идентификација. Порано овој месец, 404 Media објави за случај во кој Mobile Fortify погрешно идентификувал притворена жена за време на рација, нудејќи две различни и неточни имиња.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот