Еко-свест: Екстремното загадување од електраните на јаглен продолжува

РЕК Битола / Фото Архива на Слободен печат

Новиот извештај од CEE Bankwatch Network и Centre for Research on Energy and Clean Air (CREA), подготвен во соработка со Еко-свест, посочува дека загадувањето од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј во 2020 година е на истото високо ниво како и во 2019 година.

„Емисиите на сулфур диоксид остануваат најголем проблем кога станува збор електраните на јаглен. Двата оџаци на битолската електрана, Битола Б1+Б2 (60.422 тони) и Битола Б3 (24.091 тони), остануваат најголем извор на сулфур диоксид во земјата. Ова се количини што се девет пати над она што е дозволено да емитува електраната и се повисоки од вкупните емисии на сулфур диоксид од сите електрани во Германија“ се вели во извештајот.

Емисиите на прашина (ПМ честички) исто така остануваат сериозен проблем. Со 3684 тони од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј заедно, нивото е скоро исто како во 2019 и 2018 година – повеќе од двојно повисоко од тоа што е дозволено за земјата.

Директивата за големи согорувачки капацитети – ЕУ Директива за намалување на емисиите на опасни супстанци, која што е пренесена и во македонското законодавство како дел од предпристапните обврски за ЕУ преку Спогодбата за Енергетската зедница, наложува земјава да ги има намалено емисиите од големите капацитети заклучно со јануари 2018 година. Сепак, како што покажува извештајот, во 2020 година емисиите и панатаму се на опасно високи нивоа, повеќе пати над дозволеното.

РЕК Битола е меѓу поопасните по здравјето на луѓето во регионот. Доколку емисиите биле доведени во законските граници, само во 2020 година би можеле да се спречат скоро 300 предвремени смртни случаи од рак, респираторни и кардиоваскуларни заболувања.

„Во последните 10 години нема скоро никаков прогрес во намалување на загадувањето од електраните на јаглен. Земјава и понатаму е сериозно зависна од јагленот како енергенс и покрај најавите за постепено негово напуштање. Но, дури и ако се остварат стратешките определби да се затворат двете електрани во наредните пет до седум години, недозволиво е тие да продолжат да загадуваат на овие нивоа. РЕК Осломеј мора итно да се престане да работи без понатамошни одложувања, а ТЕЦ Битола мора да ги намали работните часови за да намали барем дел од загадувањето што го предизвикува“,вели Невена Смилевска од Еко-свест.

„Северна Македонија официјално има план за престанок на употребата на јаглен и ова е пример што треба да следат земјите од регионот. Но, работите мора да се одвиваат побрзо за да се овозможи максимална заштита на здравјето на луѓето“, изјави Давор Пехчевски, Координатор за аерозагадување за Балканот во CEE Bankwatch Network. „Мора интензивно да се инвестира во енергетска ефикасност, како и во сончева и ветерна енергија, за да може што побрзо да се случува планираната енергетска транзиција.“

Загадувањето на воздухот најголем еколошки ризик за здравјето на луѓето

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот