Зошто горат ковид болниците низ светот

Пожари во ковид болници/ Фото: ЕPA-EFE
Страотниот пожар кој синоќа ја зафати модуларната ковид болница во Тетово и кој одзеде 14 животи е само уште еден во низата трагични инциденти кои во текот на корона пандемијата се случија на повеќе места во светот и одзедоа животи на пациенти.

Болниците се последната надеж за тешко болните пациенти од ковид кои имаат потреба од интензивно медицинско лекување, и ваквите трагедии главно се врзуваат со неисправност на апарати или инсталации во самата болница.

Освен пожари во модуларните болници, забележани се пожари и во клинички центри каде се сместени ковид пациенти.

Во пожар во болница во Санкт Петербург во мај минатата година настрадаа пет пациенти заболени од ковид кои биле на интензивна нега. Пожарот избил поради краток спој на респиратор и настрадале овие пет пациенти кои биле приклучени на апарати. Од болницата се евакуирани 150 лица, а пожарот е брзо изгаснат.

Респираторите работат до своите граници. Прелиминарната истрага покажува дека еден бил преоптоварен и се запалил, што е причина за пожарот, јавија новинските агенции додавајќи дека краткиот спој предизвикал „респираторот буквално да експлодира“ поради концентрацијата на кислород, по што ковид одделението на шестиот кат од болницата буквално се исполнило со чад кој ги задушил пациентите.

Најмалку тројца загинати во пожар во болницата во Дака/ Бангладеш -17 март 2021/Фото: EPA-EFE/MONIRUL ALAM

На почетокот на пандемијата минатата година Русија се соочуваше со недостиг на респиратори, како и со премногу стари апарати, кои се произведени уште во 90-тите години. Истрагата одела во правец на утврдување дали има елементи на невнимание во болницата, или пак грешки во дизајнот и производството на респиратори и евентуалчно во мерките на претпазливост преземени од болницата.

Пред 3 месеци, односно во јуни годинава пожар изби во ковид болницата во рускиот град Рјазан, при што три лица загинаа, а причина – неисправен вентилатор. Жртвите се пациенти болни од ковид, а респираторот на одделението се прегреал и се запалил. Истрагата на неколкуте пожари во руските ковид болници покажала дека причина се неисправните респиратори кои се користат за лекување на тешко болните пациенти од ковид.

Минатиот месец повторно во Русија, овој пат во болница во Владикавказ на југот од земјата поради хаварија на цевките со кислород, загинаа 9 лица. 

Остатоци од опожарената болница во Букурешт/ Фото: EPA-EFE/ROBERT GHEMENT

Слични трагедии се случија и во болница во Букурешт кон крајот на јануари годинава кога загинаа 4 лица, но и во Индија каде поради преоптовареноста на болничките капацитети и недостиг на кислород и начинот на снабдување со него, се доведуваат во опасност животите и на пациентите и на медицинскиот персонал.

Пожар во ковид болницата во Мумбаи/ Индија/ Фото: EPA-EFE/DIVYAKANT SOLANKI

Пожар е забележан и во ковид болница во Бразил, при крајот на мај година кога загинаа 4 лица. Еден од поголемите пожари со најмногу жртви се случи на 24 април годинава во Ирак при што загинаа 82 лица, а 110 се повредени во пожарот на одделението за интензивна нега на ковид болни во болницата во Багдад, а како причина се наведува експлозија на доводот за кислород.

Над 80 жртви во пожарот во Багдат во ковид болница/ Фото: EPA-EFE/HAIDER AL-ASSADEE

Пожарот во тетовската болница

Од синоќа на терен во Тетово кај изгорената модуларна болница се петмина јавни обвинители кои ги истражуваат причините за настанувањето на пожарот, кои треба да бидат соопштени кога ќе биде комплетирана истрагата.

Увид по пожарот во тетовската модуларна болница/ EPA-EFE/Georgi Licovski

Министерството за здравство денеска соопшти дека сите 19 модуларни ковид болници во државата, се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди. Модуларните ковид-центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, како што се посочува, се отворени после технички прием.

Од Министерството апелираат да не се шпекулира со ваквите информации и очекуваат експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот за оваа страотна несреќа.

 Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и секако одговорност доколку истрагата го покаже тоа. Самите модуларни ковид – центри беа и се уште се клучни во справување со пандемијата и хоспитализацијата на пациенти. Истите се градени по највисоки стандарди, а набавката која Министерството за здравство ја правеше е согласно стандардите за ваквите болници кои се користат во многу земји во светот, соопштија од МЗ.

Поради недостиг на медицински кадар при преоптоварени болнички капацитети, во модуларната болница било дозволено присуство на лице од семејството за помош на болните од ковид, што е надвор од сите протоколи за болничко лекување на пациенти, но од друга страна, со нивна помош се извлечени живи неколку пациенти кога избил пожарот, синоќа во 21.02 часот.

Материјалот за изградба на модуларната болница е главно пластика, и уште синоќа пожарникарите од Тетово кои интервенираа за гаснење на пожарот, напоменаа дека тоа било причината за брзо разгорување на огнот и зафаќањето на целиот објект, во кој, во критичниот момент имало 26 лица. Загинаа 14, а 12 се извлечени живи.

Тетово, 9 септември 2021 / Фото: Слободен Печат. – Драган Митрески

При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани. Ковид-центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри а парапетите на прозорите се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита. При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти. Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска, информираа од Министерството за здравство.

Очевидец од Тетово: Што можевме помогнавме, страшно беше, вадевме тела од болницата

Очевидец: Страшно беше, се слушаше пукање од внатре – го гаснев пожарот, други ги спасуваа луѓето

Пожарот настанал затоа што се обидувале да реанимираат девојче и пукнал штекер, сведочи тетовчанка за „Слободен печат“

ФОТО+ВИДЕО: Тетово сѐ уште мириса на чад, на местото на трагедијата засилено полициско обезбедување

Роднина успеал да спаси свој близок од пожарот во Тетово

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот